Израел призна дека пред 11 години бомбардирал наводен нуклеарен реактор во Сирија

Израелските власти првпат признаа дека во 2007 година бомбрдирале наводен сириски нуклеарен реактор, тврдејќи во средата дека тој напад претставувал предупредување за Иран дека нема да му биде дозволено да развива нуклеарно оружје.

Израелската армија претходно објави доверливи снимки направени од авион, фотогргафии и разузнавачки документи за својот воздушен напад изведен на 6-ти септември 2007 година врз постројката Ал-Кубар во близина на градот Деир-ез-Зор, во истоимената источна сириска покраина. Во тие документи се тврди дека реакторот е изграден со помош на Северна Кореја и дека за неколку месеци ќе требало да почне да работи. Агенцијата Reuters наведува дека не успеала уште да добије официјална потврда на овие тврдења.

Откривањето на овие информации од Израел доаѓа откако премиерот Бенјамин Нетанјаху последните месеци неколкупати бараше од САД и од меѓународната заедница да заземат поцврст став против Иран, сојузник на Сирија.

Израел Кац, израелски министер за разузнавање на Twitter напиша „Операцијата (од 2007-та) и нејзиниот успех јасно покажаа дека Израел нема никогаш да дозволи нуклерарното оружје да биде во рацете на оние коишто се закануваат на неговото постоење, Сирија тогаш, Иран денес“.

Израелското министерство во детали ги опишува настаните во пресрет на ноќта меѓу 5-ти и 6-ти септември 2007 година кога осум борбени авиони од типот „F-16“ и „F-15s“ извршиле мисија по полетувањето од воздушните бази Рамон и Хацерим. Врз целта на нападот биле фрлени вкупно 18 тони бомби.

Поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш во своите мемоари објавени во 2010 година открива дека разговарал со тогашниот израелски премиер Ехуд Олмерт за сириската постројка, пред да биде уништена, но дека не му дал зелено светло за нападот.

Заменикот на советникот на Буш за безбедност Џејмс Џефри во средата изјави дека поранешниот американски претседател бил „апсолутно со целосна поддршка“ за тој чин.

„Разјасни дека сме многу среќни со тоа што со тој настан се отстрани таа закана, како и дека САД ќе стојат покрај Израел, доколку од таа ситуација им се случат нови закани, и точка“, порача Џефри за израелското јавно радио.

Сирија, којашто е потписник на Спогодбата за ограничување на нуклеарното оружје од 1970 година, ги отфрла наводите дека нападнатото место било нуклеарен реактор, како и дека Дамаск кога и да е развивал нуклеарно оружје во соработка со Северна Кореја.