Израел ѝ се заблагодари на Гватемала, најавува слични потези на уште десет земји

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот ѝ се заблагодари на Гватемала за одлуката за преселување на амбасадата во Ерусалим со пораката „Господ да ве благословува“, а Палестинците на оваа централноамериканска држава рече дека се нашла „на погрешната страна од историјата“.

Во официјалната објава на Facebook, претседателот на Гватемала, Џими Моралес, соопшти дека по разговорот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се решил амбасадата да се пресели од Тел Авив во Ерусалим, со што ги следи САД во спорот за статусот на Светиот град.

„Господ да Ве благослови, мој пријателе претседателе Џими Моралес, Господ да ги благослови двете наши земји, Израел и Гватемала“, изјави Нетанјаху на англиски јазик на седмичниот состанок на неговата партија Ликуд.

Гватемала и соседниот Хондура се две од деветте држави коишто на гласањето на Генералното собрание на ОН им се придружија на Израел и САД кои ветија дека својата амбасада ќе ја преселат во Ерусалим/

САД се главниот извор на финансиска помош за Гватемала и Хондурас, а американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја запре финансиската помош за државите коишто ја поддржаа резолуцијата со којашто се отфрла одлуката на САД и ги повикуваат да ја повлечат.

Статусот на Ерусалим е едно од најчувствителните прашања и пречки во израелско-палестинскиот мировен договор. Палестинците го сакаат источен Ерусалим за престолнина на нивната идна држава којашто сакаат да ја формираат на окупираниот Западен брег и во Појасот Газа. Меѓународната заедница не ги признава израелскиот суверенитет над целиот град во кој се наоѓаат јудејските, христијанските и муслиманските светилишта.

Службената палестинска новинска агенција WAFA ја пренесе изјавата на палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал-Малики дека гватемалскиот претседател Моралес „ја влече својата држава на погрешна страна од историјата, отворено кршејќи го меѓународното право“.

Пред 1980 година Гватемала заедно со Боливија, Чиле, Колумбија, Костарика, Доминиканската Република, Еквадор, Салвадор, Хаити, Холандија, Панама, Венецуела и Уругвај, имаа амбасади во Ерусалим.

Израелскиот закон од јуни 1980 година со кој Ерусалим се прогласува „недделива и вечна престолнина“ доведе до резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која е бараше од овие земји да ги преселат нивните амбасади во Тел Авив.

Израелскиот амбасадор во Гватемала изјави за израелското Воено радио дека сѐ уште не е одреден датумот на преселувањето, но дека тоа ќе се случи откако тоа ќе го сторат САД. Американски функционери претходно изјавија дека за тоа ќе бидат потребни најмалку две годинини.

Заменичката министер за надворешни работи Ципи Хотовели, којашто ја цитира агенцијата AFP, изјавила во понеделникот дека Израел е во контакт со „најмалку десет земји“ во врска со преселување на амбасадите во Ерусалим. Таа не навела за кои држави станува збор, но израелското јавно радио спомена дека се работи за Хондурас, Филипини, Романија и Јужен Судан, и додаде дека засега станува збор за контакти, а не за конкретни преговори.