Израелската авијација бомбардираше цели на Хамас во Газа, Палестинец застрелан во протестите

Израелската воена авијација нападна во петокот вечерта камп за обука и складиште на вооружените палестински милитанти во Појасот Газа одговарајќи на ракетниот напад од територијата на енклавата, објави армиската прес-службата на, откако претходно во текот на денот најмалку еден Палестинец беше убиен а најмалку десетици повредени во протестот на илјадниците на „Денот на гневот“ поради одлуката на САД да го признаат Ерусалим за главен град на Израел.

Размената на ударите дојде при крајот на денот на масовните протести на Палестинците откако во средата американскиот претседател Доналд Трамп ја објави одлуката да го признае Ерусалим за израелска престолнина.

„Како одговор на ракетите истрелани порано денеска кон Израел, воздухопловните сили нападнаа камп за обука на Хамас и складиште за оружје во Појасот Газа“, се вели во армиското соопштение.

Во воздушните удари ранети се десетина лица, соопштија палестински медицински извори од Газа, за агенцијата РИА. Друг извор од палестинското министерство за здравство за агенцијата Reuters изјавил дека во воздушниот удар биле повредени 25 луѓе, од кои шест деца.

Претходно најмалку две ракети беа истрелани кон југот на Израел од кои едната била уништена од израелскиот противвоздушен систем „Челична купола“. Одговорноста за ракетирањето на областа на градот Сдерот во кој немало настрадани, Израел ја префрли врз исламистичкото движење Хамас кое владее со Појасот Газа. Во текот на денот двапати во местата Шаар ха-Негев, Сдот-Негев, Хоф-Ашкелон и градот Сдерот се огласиле системите за предупредување од ракетен напад, во близина на границата со секторот Газа.

Илјадници Палестинци протестираа, десетина се повредени а најмалку еден е убиен во судирите со израелските војници во петокот. По целиот арапски и муслимански свето во петокот илјадници демонстранти излегоа на улиците да ја изразат солидарноста со Палестинците и гневот откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ја спроведе децениската одлука што ја одложуваа неговите претходници и Ерусалим да го признае за главен град на Државата Израел.

Израелските војници застрелале еден Палестинец во близна на границата со Газа и тоа е првата потврдена смрт во двата дена безредија. Израелската армија соопшти дека стотици Палестинци туркале запалени автомобилски гуми и фрлале камења кон војниците од другата страна на границата.

„Во текот на безредијата војниците на израелската армија селективно пукале кон двајцата главни поттикнувачи, а погодоците се потврдени“, соопшти армијата.

Повеќе од 80 Палестинци се повредени на Западниот брег (од реката Јордан, кој меѓународната заедница го смета за палестинска територија окупирана од Израел –з.р.) и во Газа во израелски оган со боева муниција и гумени куршуми, соопшти палестинска итна служба на Црвената полумесечина. Десетици други побарале помош поради вдишување солзавец. Во четвртокот на протестите беше рането 31 лице.

По завршувањето на пладневната молитва во џамијата ал-Акса во источен Ерусалим, третото најважно место во исламот, верниците тргнаа кон портите на израелскиот Стар град извикувајќи „Ерусалим е наш, Ерусалим е нашата престолнина“ и „Не ни се потребни празни зборови, ни требаат камења и калашњикови“. Меѓу демонстрантите и полицијата избувнаа помали судири.

Во Хеброн, Витлеем и Наблус десетици Палестинци фрлале камења врз израелските војници, кои возвратиле со солзавец, пренесуваат медиумите.

Во Појасот Газа, којашто е под целосна контрола на исламситичкото движење Хамас, верниците преку звучници од џамиите беа повикувани на протест. Хамас повика на ново палестински востание (интифада), како оние од 1987 до 1993 и од 2000 до 2005 година во коишто загинаа десетина илјади Палестинци и илјада Израелци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.