Израелската авијација нападна сириски тенкови (ВИДЕО)

© Flickr / Israel Defense Forces

Израелската воена авијација нападнала два тенка на сириската владина војска и позиции на артилеријата како одговор на десетина гранати кои претходно експлодирале во близина на делот од Голанската висорамнина кој го контролира Израел, соопшти Армијата за одбрана на Државата Израел.

Гранатирањето од територијата на соседната држава, израелската армија призна дека било случаен прелет на проектили, но го оцени како „неприфатливо нарушување на суверенитетот“.

Како што се истакнува во соопштението, гранатите прелетале преку линијата на разделување во текот на судирите на владините сили со единици на сириската вооружена опозиција, кои се стационирани во областа Кунејтра.

Од израелска страна нема настрадани. Во воздушниот напад загинале двајца сириски војници, пренесува либанската телевизија Al Mayadeen.

Израелската армија, исто така, соопшти дека во нападот биле уништени два сириски тенка и тешко вооружувања, и притоа објави видео материјал од операцијата.

Според тврдење на извори на агенцијата РИА од Сирија, сириските владини сили одбивале напад од борците на џихадистичката групација Џебхат ан-Нусра во близина на градот Ал-Баас на Голанската висорамнина, а терористите добиле воздушна поддршка од израелски хеликоптери кои нападнале згради на градската администрација. Притоа изворот не прецизирал дали станува збор за истиот воздушен удар за кој извести израелската армија.

Последните неколку години израелските воздухопловни сили повеќепати ги нападнаа позициите на сириската владина војска, кои се стационирани во близина на заедничката граница. Израел ваквите напади ги оправдува со прелети на проектили на нејзината територија, а последен таков инцидент се случи во април годинава.

Сирија и Израел имаат заедничка граница долга 80 километри. Двете земји немаат билатерални дипломатски односи. Сирија не го признава постоењето на Државата Израел, а Тел Авив соседната држава ја смета за непријателска. Двете држави, сепак, им овозможуваат одвивање на трговијата на жителите на локалната заедница Друзи на Голанската висорамнина.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.