Израелското државно радио се извини за емитување на музика од Вагнер

Израелското државно радио им се извини на слушателите откако го прекрши табуто со емитување на дел од опусот на германскиот композитор Рихард Вагнер, бојкотиран во Израел поради неговите антисемитски изјави, соопшти во неделата портпаролката на радиото.

Портпаролката изјави дека во програмата за класична музика „по грешка“ е емитуван дел од вагнеровата опера „Самракот на боговите“. Портпаролката во писмената изјава им се извинува на слушателите и оценува дека одговорниот за споменатата емисија се збунил при изборот на музиката.

Германскиот композитор, живеел од 1813 до 1883 година, чиишто дела според конзервативните оцени се проткаени со национализам а во XX век ги присвојувал и славел Третиот Рајх, бил омилен композитор на националсоцијалистичкиот водач Адолф Хитлер.

Поради тоа, делата на Рихард Вагнер воопшто или многу малку беа изведувани или емитувани и во поранешните комунистички земји, а во многу од нив првпат беа емитувани по падот на комунизмот во 1990-те години.

Во Израел не постои закон со кој се забранува емитување или изведување на музиката на Вагнер, но музичарите го одбегнуваат. Меѓутоа, неговите дела и натаму се табу во Израел, иако во јули 2017 година аргентинско-израелскиот диригент Даниел Бареболм се осмели во Ерусалим со Берлинскиот филхармониски оркестар да изведе извадок од операта „Тристан и Изолда“.

Директорот на израелското Здружение Рихард Вагнр, Џонатан Ливни, го поздрави емитувањето на вагнеровата музика на државното радио.

„Не ги емитуваме ставовите на композиторот, туку убавата музика којашто ја напишал. Кој не сака да ја слуша оваа музика, може да го исклучи радиото“, изјави Ливни чиј татко го преживеал холокаустот.