Извадени последните тела од поплавениот рудник во Ерменек

Турските спасувачи ги пронајдоа телата на 10 од вкупно 18 рудари кои беа прогласени за исчезнати по поплавувањето на рудникот во Ерменек, во јужна Турција, на крајот на октомври, и продолжуваат со потрагата по останатите тела, објави МИА.

Како резултат на ненадејното поплавување на рудникот Ерменек на 28 октомври во галерија на 300 метри под земја, останаа блокирани 34 рудари, но само 16 од нив успеаја да се спасат пред тој целосно да биде потопен.

Првите две тела беа извадени на 6 ноември, додека останатите осум беа пронајдени во последните два дена.

Властите во врска со трагичниот инцидент приведоа осум лица. Досегашната истрагата наведува на тоа дека е можно поплавувањето да е предизвикано од собирање на води во соседен запуштен рудник.

Инцидентот во рудникот во Ерменек повторно ја разгоре полемиката за условите за работа на рударите во Турција и покрај итно изгласаниот закон во оваа област по инцидентот во рудникот во Сома, кога во пожар загинаа 301 рудар.

Турција се наоѓа на трето место во светот според смртноста на работно место, покажуваат податоците на Меѓународната организација за труд.