Извадете енергетски пасош за станот доколку сакате да го продавате

Новите, но и старите станови за две-три години не ќе може да се продаваат и да се издаваат ако немаат сертификат за енергетска ефикасност. Недвижностите без енергетски пасош не ќе смеат ни да се огласат за продажба без овој документ. Истото ќе важи и за издавањето простор на државни институции, како и за зградите што се во сопственост на државата. Обврската на сопствениците на недвижности да поседуваат енергетски пасоши за зградите е дел од законодавството на ЕУ, кон кое и Македонија ги приспособува своите регулативи, пишува „Дневник“.

Сопствениците на недвижности кои не планираат да ги продаваат градбите не мора да поседуваат сертификат за енергетска ефикасност. Но, ако во иднина решат да ги огласат на продажба, задолжително ќе треба да го набават документот. Енергетскиот пасош ќе биде задолжителен и при добивањето одобрение за градба.

Во правилниците што ја регулираат оваа област не е наведен рокот до кога треба да се извадат енергетски сертификати за градбите. Сепак, владини извори за „Дневник“ велат дека во правилниците првично било наведено дека обврската за задолжително поседување ваков сертификат при огласувањето на недвижностите треба да почне од 2016 година. Но, наведениот рок бил избришан откако надлежните сфатиле дека речиси никој не ќе може да го испочитува. Иако во сегашните правилници не стои никаков рок, нашите извори велат дека 2016 година с` уште се зема како првична одредница од кога треба да профункционира новата практика.

Во Министерството за економија потврдуваат дека ќе постои обврска за поседување енергетски пасош, но не наведуваат рок од кога таа ќе стане задолжителна.

„За зградите и градежните единици кои се продаваат или се издаваат под закуп е потребно да се обезбеди сертификат за енергетски карактеристики на зградите. Притоа, продавачите или закуподавците на згради или градежни единици се должни на купувачите или на закупците да им го предадат сертификатот за енергетски карактеристики на зградата во оригинал или копија заверена од нотар“, објаснуваат од ресорното Министерство за весникот.

Дека е неможно да се испочитува рокот покажува и фактот што во земјава се’ уште никој не се стекнал со овластување за енергетски контролор. Според информациите од Министерството за економија, во моментов во Агенцијата за енергетика тече постапката за избор на фирми кои ќе вршат обуки за идните енергетски контролори, кои подоцна ќе ги издаваат енергетските пасоши.

Во Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија се информирани за промените во регулативата, но и таму не добиле официјално известување кога тие ќе станат задолжителни. Во Здружението сметаат дека нереално е да се очекува оти за две години сите сопственици на недвижности ќе набават енергетски пасоши.

„Не знаеме колку ќе биде можно да се испочитува тој рок, особено поради фактот што се’ уште не се издадени овластувања за енергетските контролори. За да може старите згради да добијат енергетски сертификат, треба да им се направат нови фасади, инсталациска мрежа и слично, а за сето тоа треба многу време. Не е толку едноставно да се заврши сето тоа“, сметаат во Здружението за градежништво.

Сличен став имаат и агенциите за недвижности. Сопственикот на агенцијата „Асторија“, Слободан Митровски, воопшто не се согласува со законското решение за забрана на продажба на сите недвижности кои немаат енергетски пасош.

„Тоа е невозможна мисија. Во моментов, околу 70 отсто од недвижностите што се огласени на продажба не можат да извадат таков сертификат. Нема опција сите градби да го извадат. Ќе дојдеме во ситуација ние да не ги огласуваме, а без агенциите пазарот е мртов. Нема да има продажба, обрт на средства, ниту данок од продажба. Единствено решение е да се предвиди таа законска обврска да важи за сите градби изградени по некоја конкретна година, на пример по 2012 или 2014, но не обврската да важи ретроградно и за постарите градби“, вели Митровски за „Дневник“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.