Извештајот на ЕК доставен и со спикерот Вељаноски

Евроамбасадорот Аиво Орав официјално го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година на претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски. На примопредавањето на Извештајот беа поканети и присуствуваа и потпретседателите на Собранието на Република Македонија, координаторите на пратеничките групи во Собранието и претседателите на дел од собраниските комисии.

Претседателот Вељаноски изрази задоволство од добивањето на шестата по ред препорака за отпочнување на пристапните преговори на Република Македонија со Европската унија и изрази уверување дека со уште посилен интензитет и посветеност Република Македонија останува на патот на реформите, подготвена и посветена и понатаму да работи за што поскоро да се интегрира, со цел безбедност и стабилност на државата и регионот и поголем економски просперитет и подобра општествена состојба на граѓаните.

Реформите се остваруваат за да се задоволат поставените критериуми, кои пред се се исполнуваат за добробит на граѓаните. Како политичари сме одговорни и имаме обврска на нашите држави да им овозможиме напредок, на граѓаните подобар живот, истакна претседателот Вељаноски.

Претседателот Вељаноски истакна дека согласно воведената пракса од изминатите години, и оваа година Извештајот за напредокот ќе биде разгледан на седници на заинтересираните работни тела на Собранието како и на седница на Националниот совет за евроинтеграции. По Извештајот ќе се дискутира и на пленарна седница која годинава ќе се одржи на 16 октомври.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.