Извештајот за човекови права со забелешки за владеење на правото и за состојбата во медиумите

Американскиот Стејт Департмент вчера го објави Годишниот извештај за почитување на човековите права во светот во 2014 година. Во делот на извештајот за Македонија се наведува дека најзначајните прашања за почитувањето на човековите права произлегуваат од нивото на корупција во земјата и од нецелосното почитување на владеењето на правото, а извештајот содржи забелешки и за состојбата во медиумите, условите во затворите и дискриминацијата против Ромите и сексуалните малцинства, објави МИА.

– Најзначајните проблеми со човековите права произлегуваат од значајното ниво на корупција и од неуспехот на властите целосно да го почитуваат владеењето на правото, вклучитлено со продолжувањето на ограничувањето на медиумските слободи, мешање во судството и селективно обвинување. Политичкото мешање, неефикасноста, фаворитизмот кон добро поставени личности, долгите процеси, кршењето на правото на јавно судење и корупција го карактеризираат судскиот систем, пишува во извештајот во кој како конкретни примери се наведени судските процеси против Мирослав Шиповиќ и Дејан Ставриќ.

Во делот на извештајот посветен на состојбата во медиумите, се наведува дека новинари и Здружението на новинарите на Македонија често пријавувале случаи на непочитување на слободата на медиумите од страна на Владата, додека во извештајот на ОБСЕ за изборите во 2014 година се наведува дека повеќето од медиумите кои оваа организација ги набљудувала биле пристрасни кон Владата. “Многу ограничен број на независни медиумски гласови активно изразуваат ставови без рестрикција. Медиумите и известувањето и понатаму беше етнички и политички поделено”, пишува во извештајот во кој е наведено дека во 2014 година новинарот Томислав Кежаровски се уште бил во домашен притвор, откако беше осуден поради откривање на идентитетот на заштитен сведок во случај на убиство, како и одлуката на Врховниот суд дека отстранувањето на новинарите од Собранието за време на инцидентот при изгласувањето на буџетот за 2013 година било извршено за нивна лична заштита и за враќање на редот во собраниската зграда.

Во односот кон невладините организации, се наведува дека домашни и меѓународни групи функционираат во Македонија главно без ограничување и објавуваат извештаи за почитување на човековите права. Извештајот наведува дека етничките малцинства, пред се Албанците, продолжиле да реагираат поради недоволна застапеност во јавните институции, иако нивната застапеност расте. Во однос на правата на сексуалните (ЛГБТИ) малцинства, се наведува дека имало повеќе примери на инциденти предизвикани од предрасуди, закани и користење на погрден јазик кон нив, пред се, новиот напад врз центар за поддршка на ЛГБТИ заедницата во октомври 2014 година, при што извршителите не биле фатени. Наведено е дека во јуни ЛГБТИ центарот организирал “недела на гордоста” при што немало провокации или инцидент. Извештајот дополнително забележува дека македонските затвори не исполнуваат европски стандарди, честопати се преполни, со недоволно вработени и нудат несоодветна здравствена нега.

Извештајот на Стејт департментот наведува дека е забрането користење на детски труд, под 15 години, но дека има примери за принудување на деца на питачење или улично продавање цигари, пред се во ромската заедница. Ромската заедница е наведена и во делот на извештајот за ограничување на правото на слободно движење, каде се наведува дека на 3.686 лица, претежно Роми, им било забрането да ја напуштат земјата, поради сомнеж дека ќе се обидат да бараат азил во некоја европска држава, за што во мај била донесена и судска одлука дека на еден од овие патници му биле прекршени правата.

Во извештаите за државите од регионот, корупцијата исто така е посочена како водечки проблем со кој се соочува Балканот. Во извештајот на Стејт Департментот за Грција, е посочено дека “иако Уставот и законите дозволуваат право на здружување, Владата продолжува да им наметнува ограничувања на здруженијата на граѓани кои се идентификуваат како етнички Македонци. Иако, Владата го признава правото на поединецот да се самоопредели, многу поединци кои се изразуваат како членови на малцинска група имаат потешкотии слободно да го изразат својот идентитет и својата култура. Граѓани кои се идентификуваат како Турци, Помаци, Власи, Роми, Арванити или Македонци попусто бараа Владата да ги признае како малцинства”, пишува во извештајот за Грција, каде се додава дека барањата на “словенските групи кои се идентификуваат како македонски” биле одбивани со образложение дека неколку милиони етнички Грци исто така се идентификуваат себеси како Македонци.

Општо, извештајот на Стејт Департментот оценува дека главни кршења на човековите права произлегуваат од подемот на терористичките групи на Блискиот Исток.

– Најзагрижувачко е ширењето на групи како Даеш (ИСИС), Ал Каеда, Боко Харам, Ал Шабаб. Многубројните случаи на кршење на човековите права од страна на овие терористи станаа препознатливи низ светот и продолжуваат да не шокираат, убиства, измачување, силувања, гонење врз верска основа, ропство… Светската заедница апсолутно има обврска да ги победи овие групи, изјави државниот секретар на САД Џон Кери, при претставувањето на извештајот во Вашингтон.

Кери ги повика и сите држави да го погледнат извештајот подготвен од страна на Стејт Департментот, велејќи дека секаде, вклучително и во САД, има простор за подобрување на состојбата со човековите права

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.