Извештајот за загинувањето на претседателот Трајковски испратен во Македонија

До властите во Македонија е испратен извештајот за падот на авионот во кој во 2004 година во Бсна и Херцеговина загина претседателот Борис Трајковски, изјавил шефот на истражниот тим за утврдување на причините за авионската несреќа Омер Кулиќ за агенцијата Срна.

Како што пренесува МИА, Кулиќ посочил дека до средината на декември извештајот ќе биде подготвен и за претставување пред јавноста во БиХ.

– Тоа е наша меѓународна обврска. Ги чекаме нивните коментари кои ќе пристигнат во текот на наредната седмица, по што извештајот во завршна форма ќе биде отпечатен, прецизирал Кулиќ, пренесе ТВ Ал џезира Балкан.

Завршниот извештај за падот на авионот, како што претходно најави Кулиќ, прво ќе биде предаден на Советот на министри и на главниот обвинител на БиХ. Потоа, ќе биде проследен до македонските власти и македонскиот главен јавен обвинител.

Кулиќ, објавуваат босанските медиуми, рекол дека неговиот тим во целост успеал да ја утврди причината за падот на авионот и загинувањето на макеоднскиот претседател Трајковски.

– Точно утврдивме што се случило. Сите актери во тој настан во истрагата се опфатени, но не смеам да кажам кој е одговорен. Нашата задача е да испитаме како се случил падот на авионот, тоа ќе му го кажеме и на нашиот и на македонскиот обвинител, а нивна е одлуката што ќе прават понатаму, затоа што тоа се светски стандарди во ваквите активности, појаснил тогаш Кулиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.