Извештајот на СБ потврда за добрите владини економски политики

Потврда за добрите владини економски политики даде и Светската банка во својот најнов извештај, каде со највисоки стапки на раст во регионот се Црна Гора и Македонија.

Во осмиот редовен економски извештај за Југоисточна Европа на Светска банка (СБ), за 2015 година за Македонија се прогнозира економски раст од 3,2 %. Македонија е лидер во регионот за отварање нови работни места, се вели во Извештајот, пишува Лидер.

-Закрепнувањето поттикна создавање работни места и вработеноста долж регионот бавно се зголемува, додека Македонија бележи највисоки стапки на вработеност од средината на 2009-та. Сепак, невработеноста останува главен структурен предизвик особено помеѓу младата популација. Македонија и Црна Гора се единствените земји во ЈИЕ каде невработеноста се намали на ниво под она од 2009 година, се вели во Извештајот.

Светска банка во Извештајот нотира и намалување на стапката на сиромаштија во Македонија за 2,8 процентни поени од 2010 до 2013 година. Тоа, според нив, се должи на отворањето на нови работни места и укажува на подобрување на условите за живот. Се очекува и во следните години да продолжи да опаѓа поради отворањето нови работни места.

Ставрески: Македонска економија е на добра патека

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески оцени дека растот во индустријата во август од 12,7 проценти е знак дека македонската економија се наоѓа на добра патека и дека годинава ќе заврши со добар економски раст. Потврда за тоа е и извештајот на Светска банка со кој е оценето дека Република Македонија заедно со Црна Гора има највисока економска стапка во регионот и највисок економски раст.

Ставрески: Македонска економија е на добра патека
Ставрески: Македонска економија е на добра патека

Според Ставрески стопанствениците ги гледаат долгорочните политики како стабилни и како добри, а пред се даночната политика и политиката во делот на работните односи, како и мерките како што е „Македонија вработува“, привлекувањето на странските инвестиции и другите економски политики.

Тоа е добро бидејќи имавме сложена политичка ситуација и растот на индустријата во такви околности претставува силен одговор на стопанството дека политичката стабилност и долгорочните економски политики се најдобрите и најважните услови за раст на економијата. Сметам дека остварениот раст е значаен бидејќи опфаќа широк број на гранки во индустријата, а посебно преработувачката индустрија како стожер на индустриското производство расте со 8,5 проценти во август. Имаме раст и во работењето на странските компании кај производството на машини и опрема, но и во сегментот на традиционалните индустриски дејности како што текстилната, производството на мебел, тутунската… Причина за остварениот раст е и Буџетот каде што со добрата ликвидност каде што во првите осум месеци од годината со добрата ликвидност и редовното сервисирање на сите обврски кон стопанството овозможивме компаниите што е можно помалку да ги почувствуваат последиците од политичката криза и да имаат редовно подмирување на обврските од Буџетот, рече Ставрески.

Извештај на ИБМ: Македонија е број 1 креатор на работни места

Освен Извештајот од Светската Банка, пред извесно време дојдепозитивна критика дојде и од бизнис истражувачката компанија која се фокусира на менаџерските и економски прашања, ИБМ. Според ИБМ, Македонија е број еден креатор на работни места во светот.

ИБМ: Македонија е прва според отворање на работни места
ИБМ: Македонија е прва според отворање на работни места

Овој годишен извештај ги анализира најновите трендови според кои компаниите ги лоцираат нивните нови бизниси ширум светот и како ги донесуваат тие одлуки. Извештајот е направен од Plant Location International, локалната стратегија и избор на локација со консултација на одделот за Глобалнибизнис услуги на ИБМ. Според клучните поенти од овогодишниот извештај, Македонија е прва според отворање на работни места според бројот на жители. САД и понатаму е најпосакуваната дестинација за инвестирање, со рекордна изведба од странски инвестиции во 2014 година, според бојот на отворени работни места. Ирска и понатаму привлекува вредни инвестиции, додека Лондон е лидер во привлекување на странски инвестиции. Во клучниот ранкинг кој ги опфаќа категориите создавање на вкупни работни места, создавање на работни места според број на жители и просечна вредност на работните места, Македонија е рангирана на првото место заедно со САД и Ирска.

Пешевски: До крајот на годината ќе биде надмината минатогодишната бројка на нови работни места.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски на седницата во Собранието посветена на пратенички прашања изјави дека очекува до крајот на годината да се надмине минатогодишната бројка на нови работни места.

Тој коментирајќи го најновиот извештај на ИБМ, рече дека убаво е да се биде прв на некој извештај, но целта е да се создадат тие работни места со сите политики што се спроведуваат како во делот на подобрување на инфраструктурата, бизнис климата и намалувањето на даноците.

Ќе продолжиме со создавање нови работни места и подигнување на животниот стандард на граѓаните, изјави вицепремиерот Пешевски.

Со „Македонија вработува“ досега вработени над 6.300 лица

Преку проектот „Македонија вработува“ досега за нецели пет месеци се вработени 6.330 лица во 4.150 приватни македонски компании, информира министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. Преку проектот „Македонија вработува“, од ден на ден се зголемува бројот на нови отворени работни места.

Овој проект стана препознатлив кај приватните компании, меѓутоа и кај сите граѓани на нашата држава. Досега преку овој проект, односно за нецели пет месеци се вработија 6.330 лица, што е значителен успех. Тој значително влијае на намалување на невработеноста во нашата држава и на создавање нови работи места. Вкупно досега го искористија над 4.150 приватни македонски компании, односно ги искористија поволностите за ослободување од плаќање социјални придонеси во период од една па се до пет години во зависност од категоријата на невработеното лице кое што ќе го вработат, истакна министерот Спасов.

Овој проект им помага на младите лица, односно досега се вработиле над 1.760 млади лица до 29 години и над 2.200 лица што се од 20 до 35 години.

Проектот помага и на повозрасните, односно оние од 35 до 50 години од кои има вработено над 800 лица, но и на највозрасната категорија, односно над 50 години. Од оваа категорија вработени се над 1.280 лица. Ова е показател дека со овој проект им се помага и на помладите, меѓутоа и на повозрасните категории граѓани побрзо да го најдат своето работно место, а исто така и на македонските компании, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Според надлежните институции и во следниот период ќе продолжи отварањето на нови работни места, преку разните мерки за вработување на проектот Македнија вработува, но и преку отварањето на капацитетите на новите странски компании во земјава.