Извештајот на ДЗР го „соголе“ Јакимовски за незаконското работење

Извештајот од Државниот завод за ревизија открива големи нерегуларности во финансиското работење на поранешниот градоначалник на скопската општина Карпош, Стевче Јакимовски. Извештајот се фокусира на ревизија на 2016 година, но обелоденува и крупни пропусти и проблеми од претходните години.

Деталниот извештај на ДЗР за нерегуларностите можете да го прочитате на овој линк.

Покрај главниот долг од околу 18 милиони евра, кој потекнува од 2012, 2013, 2014 и 2015 година, Јакимовски оставил и дополнителни долгови и потрошени големи суми пари за нотарски, адвокатски и трошоци за извршител, за процесни и парични постапки. Интересно е тоа што општински пари за адвокатски услуги во 2016 година се исплаќани и по приложени фактири за услуги во изминатите години, при што за дел не е обезбедена документација и соодветна потврда на потрошените средства. Така, само на едно адвокатско друштво му се исплатени 588.000 денари, по фактури од 2014, 2015 и две фактури од 2016 година.

Општината била и лош ДДВ обврзник, па од општинскиот буџет се плаќале и камати. Во голем број судски предмети, општината Карпош се јавува како тужена странка по основ на долг, надомест на штета и слично – само по оваа основа општината е задолжена со над 512 милиони денари.

Градоначалникот Стефан Богоев посочи за кредит подигнат во 2014 година, тежок 160 милиони денари или 2,6 милиони евра, за тековни инфраструктурни проекти во Карпош, но ревизорскиот тим констатирал дека кредитот е потрошен ненаменски, односно средствата се искористени за плаќање заостанати обврски. Со таквиот чекор се прекршени повеќе закони. Веројатно станува збор за кредитот земен со хипотека на идната недоизградена административна зграда, за кој се говори во извештајот. Со овој потег е воспоставено заложното право без обезбедена согласност од Министерството за транспорт и врски и од Државното правобранителство, што само по себе е кршење на законот.

Направени се пропустите при изградбата на новата општинска зграда и на сегашните општински бараки, а извештајот изобилува со забелешки за незаконското носење одлуки за нивната изградба, ненаменско и неоправдано трошење на буџетски средства. Па така, во извештајот на ДЗР се вели дека изградбата на административната зграда е започната во 2011 година и е во тек, а се врши со изменет проект и без одобрение на Советот на општината, како и без изменето одобрение за градба. Спроведени се голем број постапки за јавни набавки за кои се обезбедуваат средства на годишно ниво од несоодветна програма.

Градоначалникот Јакимовски не штедел кога е во прашање рекреацијата на вработените – за таа намена само во 2016 година се потрошени 639.000 денари. Задолжената општина нашла пари и за медиумски закуп, за монтажа и демонтажа на урбана опрема за организирање манифестации, за концерти на естрадни уметници од земјата и од странство по повод прославата на годишнината на општина Карпош (1,13 милиони денари во 2016 година) и слично. Одоберени се средства на спортски клубови, а возвратно се доставени и извештаи без финансиски податоци и пропратна документација како потврда на потрошените средства.

Преземени се активности за реконструкција на фасадите на одделни станбени згради и замена на стари со нови покриви и лифтови, почнувајќи од 2012 година, за што се потрошени значителни средства од несоодветна буцетска програма. Спроведени се неколку одделни постапки за јавна набавка со различен предмет на набавката за една иста улица. За улицата Јуриј Гагарин, на пример, спроведени се 14 постапки, за Миле Поп Јорданов 7 постапки, за улица Вич 3 постапки и слично. Потоа се вршело делење на договорите за јавна набавка на повеќе договори со пониска вредност, што не е во согласност со Законот за јавни набавки.

Во текот на 2016 година се примани аванси од физички и правни лица, евидентирани како приход без веродостојни сметководствени документи.