Свет

Извлечени првите тела на загинатите во авионската несреќа во Франција

Извлечени првите тела на загинатите во авионската несреќа во Франција

Спасувачките екипи ги извлекоа првите тела на настраданите во падот на авионот на германската компанија „Џерманвингс“ која се случи во јужниот дел на франција, во пределот на Алпите, јавија синоќа странските медиуми.

– Посмртните останки на настраданите патници доцна попладнето беа извлечени од местото на несреќата, медиумите ја пренесуваат изјавата на еден портпарол на француската полиција, кој не одговори на прашањето колку тела вкупно се извлечени од местото на несреќата.

Денеска се очекува да продолжи извлекувањето на посмртните останки.

Од вкупно 150 луѓе кои се превезувале во авионот, никој не преживеа. Меѓу патниците имало 72 Германци, од кои 16 биле средношколци.

Дел од роднините и семејствата веќе се пристигнати на местото на несреќата, а другиот дел се очекува да допатува денес со специјални летови од Дизелдорф и Барселона.

Црната кутија на авионот е доста оштетена, но поради нејзината исклучителна отпорност, истражителите би требало да може да слушнат што се случувало за време на летот во пилотската кабина.

Според Би Би Си, клучното прашање е: Ако авионот губел височина цели десет минути, тогаш зошто пилотите не повикале помош.

Доколку воопшто не се огласиле, тогаш истрагата ќе може да заклучи дека пилотите се онесвестиле, а тоа би сугерирало дека во авионот дошло до драстична промена на притисокот.

Тоа не би морало да биде фатално, доколку пилотите на време успејат да ги стават маските за кислород, но доколку биле онесвестени, тоа би можело да објасни зошто немало повици за помош или обид авионот да се пренасочи на најблиската писта.