Извозот бележи раст од 6.4 проценти за првите осум месеци од 2016 година

Според објавените податоци на Државниот завод за статистика, извозот на стоки изнесува  3.112.569 илјади американски долари и бележи пораст од 6,4 отсто во однос на тој период од претходната година, додека вредноста на увезената стока изнесува 4.392.752 илјади долари што е за 6,2 отсто повеќе во споредба со тој период лани. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-август 2016 година, изнесува 1.280.183 илјади американски долари. Покриеноста на увозот со извоз изнесува 70,9 отсто.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.

Во периодот јануари-август 2016 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.