Извозот на храна рекорден во последните 10 години

Извозот на храна во 2014 година изнесува 388,2 милиони долари и е на рекордно ниво во последните десет години, покажуваат податоците на Народната банка на Македонија. За десет години, споредено со 2004 година кога вкупниот извоз на прехранбени производи изнесувал 125,6 милиони евра, сега девизниот прилив од извоз на храна е три пати поголем, пишува Лидер.

Податоците на Народната банка покажуваат дека извозот на храна во 2014 година е за 42 милиони долари поголем споредено со 2013 година.

Во исто време на рекордно ниво е и увозот на прехранбени производи, но со побавно темпо на раст, споредено со извозот и е вредносно скоро двојно поголем.

Според податоците на Народната банка, увозот на храна во 2014 година е 684,9 милиони долари. Тоа е скоро двојно повеќе споредено со увозот од пред 10 години во 2004 година. Само за една година увозот на прехранбени производи е за 3 милиони долари поголем споредено со 2013 година.

-Ние важиме за земја која има квалитетни земјоделски производи. Имаме имиџ на земја со препознатлив вкус на производи и тоа треба да го зачуваме. Тешко е да се направи имиџ , но лесно е да се загуби, вели за Лидер Драги Димитриевски од Факултет за земјоделски науки и храна.