Извозот од ТИРЗ надмина 1,2 милијарди евра

Во првите десет месеци од годинава извозот од ТИРЗ надмина 1,2 милијарди евра.

Извозот од технолошко индустриските развојни зони руши рекорди. За првите десет месеци од годинава од компаниите стационирани во зоните извезени се производи во вкупна вредност од 1,2 милијарди евра. Прогнозите до крајот на годината се извоз во висина од 1, 4 милијарди евра, вели директорот на ТИРЗ Виктор Мизо, пишува Лидер.

Во првите десет месеци од годинава го надминавме вкупниот извоз од минатата година во висина од 1,2 милијарди евра за оваа година, со тоа што само месец во октомври имаше бројка на извоз од над 130 милиони евра, што значи дека до крајот на годината јас сум оптимист дека ќе ја надминеме бројката 1,4 милијарди евра извоз од зоните,но она што е поважно е дека разликата меѓу извозот и увозот драстично се зголемува на повеќе од 50% на таа апсолутна сума помеѓу извозот и увозот во споредба со минатата година, така да до крајот на оваа година можеби ќе надминеме додадена вредност од над 200 милиони евра во зоните, изјави Виктор Мизо, директор на ТИРЗ.

Покрај зголемувањето на извозот, владините претставници постојано работат на зголемувањето на странските инвестиции во земјава.

Германска и индиска компанија планираат свои капацитети во Македонија

Како што најави премиерот Никола Груевски, две компании, една од Германија и една од Индија, планираат свои капацитети во Македонија. Покрај тоа што се очекува официјализирање на одлуката за најавената инвестиција од мултинационална компанија од автомобилската индустрија во технолошко индустриската развојна зона во Струмица со 1.500 работни места, според Груевски, има и други компании заинтересирани за инвестирање во Македонија. Освен во внатрешноста, додаде, очекуваме добри вести и во Скопје, каде со уште една инвестиција би се вработиле 500 лица, а потоа и уште друга со дополнителни 1.000.

Само вчера во мојата канцеларија дојдоа две крупни компании, едната од Германија, едната од Индија кои планираат свои капацитети во Македонија. Денеска се сретнав со една друга финансиска компанија која покажа голем интерес за инвестирање во Македонија, така што нашите капацитети онака како што се поставени даваат сериозни резултати, рече Груевски.

Над 500 домашни компании соработуваат со странските инвеститори

Над 500 македонски компании имаат директна соработка и бенефит од отворените производствени капацитети на странските инвеститори. Прометот на македонските компании од соработката со странските инвеститори во зоните, досега изнесува 50 милиони евра. Во соработка само со странските компании кои се наоѓаат во слободните економски зони годинава вкупниот износ на трансакции изнесува 24 милиони евра, рече Пешевски.

Според него, има зголемување на вработувањата кај речиси сите домашни компании кои соработуваат со инвеститорите во технолошко индустриските развојни зони и во индустриските зони низ државава. Има случаи, како што рече, кога се отворени целосно нови компании за да даваат услуги на компаниите во зоните, за снабдување со храна, за хигиена, во градење на индустриските објекти. Дел од поставената стратегија на Владата е да се донесат што поголем број компании од трудово-интензивните дејности, но, како што рече, постепено со тек на време се менува и профилот на компании кон кои сме подготвени да дадеме и малку поинтензивна помош. Така се доаѓа до дополнителни економски ефекти, односно интензивна соработка со домашните компании и трансфер на технологии и нови знаења во Македонија.

Конечната цел не е само да имате и ниска стапка на невработеност, што се разбира е добро, но, истовремено треба да се тежнее и кон подигање на просечните плати кои ќе ги плаќаат компаниите, наведе Пешевски, дополнувајќи дека тоа се постигнува со зголемување на конкуренцијата со носење повеќе компании, како и со ангажирање на вработени со повисоко ниво на образование и обука. Токму затоа, како што рече, се направени интензивни реформи за што поголем број млади по средното продолжат со високо образование и да се одговори на потребите на инвеститорите.

Неколку компании наскоро ќе ги објават своите планови за инвестирање во Македонија

Секогаш чекаме да компаниите кои веќе ги имаат донесено одлуките тие директно да ги објават своите одлуки. Она што можам да кажам со неколку компании целиот овој процес е завршен и се очекува дел од нив дури и во месец ноември, дел од нив до крајот на годината да ги објават своите планови за инвестирање во Македонија, што значи дека ќе пристапиме кон потпишување на сите релевантни договори и од почетокот на идната година, а во некој случај дури и пред крајот на годинава ќе се започне со реализирање на инвестициите, одговори Мизо во однос на најавите за нови инвестиции, информира Мизо.

Во врска со последниот извештај на Дуинг Бизнис, директорот на ТИРЗ истакна дека мултинационалните компании, како и глобалните консултантски фирми кои најчесто ги анализираат земјите во светот каде што треба да се лоцира ново производство, во голем број на случаи, прво пред воопшто да дојдат да ги посетат овие земји прават една анализа на сите глобални извештаи на рангирање на бизнис климата, на макроекономските параметри и сето она што е релевантно за една компанија да донесе таква одлука.

Во овој случај, вели Мизо, ваквиот извештај на Цветската Банка е еден од најважните кој се користи при овие анализи и не само рангирањето на Македонија на високото 12-то место, туку и релевантното рангирање во споредба со оние земји кои се наши конкуренти, Србија, Бугарија, Албанија, Романија, во голем случај дури и Турција, Словачка или Унгарија и тоа што ние сме многу подобро рангирани од овие земји ќе значи еден дополнителен импулс и можност да Македонија веќе во таа прва анализа биде подобро рангирана од овие други земји, така што наместо да бидеме една од 7 или 8 земји кои ќе се анализираат, може веднаш да бидеме една од првите три или четири земји што значи дека ќе имаме поголема можност да привлечеме нова инвестиција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.