Извозот во јануари изнесува 335,7 милиони долари

Во јануари годинава Македонија вкупно извезла стоки во вредност од 335,7 милиони американски долари, а увезла стоки вредни 422,4 милиони долари. Покриеноста на увозот со извоз е 79,5 отсто, а трговскиот дефицит изнесува 86,7 милиони долари.

Според податоците на Државниот завод за статистика, најголемо учество во извозот имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и другите метали од платинската група и нивните легури, необработени или во облик на прав.

Најмногу стоки, 80,1 отсто се извезени во земјите-членки на ЕУ по што следат земјите од Западен Балкан со 8,4 проценти. Најголем увоз, 64,6 отсто е направен од земјите-членки на ЕУ, а по нив следат Останати земји, на друго место неспомнати со 11,2 проценти.

Република Македонија во јануари годинава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Бугарија, Кина и Србија со кои е реализирана 55,3 отсто од вкупната надворешно-трговска размена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.