Извршен државен удар врз Путин, затоа го нема 10 дена

Рускиот претседател, Владимир Путин не се појавил во јавноста 10 дена, а по многубројните шпекулации за тоа која е причината за неговото мистериозно исчезнување, се појави и информацијата дека е неутрализиран државен удар.

Оваа информација вчера ја обелоденија британските медиуми повикувајќи се на тврдењето на Гејдар Џемал, лидерот на Рускиот исламски комитет, наводно близок до Кремљ и претседателот на Русија. Како што наведува Џемал, позади државниот удар стои шефот на една од руските безбедносни служби, Николај Патрушев. Меѓутоа овие наводи сеуште не се потврдени, а меѓу гражаните на Русија расте тензијата бидејќи ни тие не добиваат адекватни информации за тоа каде се наоѓа нивниот претседател.

„Мислам дека Путин во моментов е неутрализиран, но секако дека е добро и е жив. Верувам дека е под контрола на некои силни безбедносни агенции, кои по мое мислење, организирале пуч“, вели Џемал, одговарајќи воедно и на шпекулациите од минатиот ден кога се наведуваше дека Путин е тешко болен, па и мртов.

Џемал тврди дека исчезнувањето на Путин внимателно го планирале заверниците против неговиот режим.

Придобиени следбеници

„Имам информација дека Патрушев на 11 март се состанал со лидерот на Чеченија, Рамазан Кадиров во Пјатигорска и дека тогаш се обидел да го придобие на своја страна. Исто така, тој ја посети Америка и покрај санкциите кои оваа земја ги има воведено за руските функционери. Милам дека таму му било понудено нешто што не можел да одбие“, нагласува Џемал.

Истовремено, одредени руски радио-станици во саботата пренесоа дека над Москва е забележана зголемена воена активност, бидејќи главниот град го надлетувале борбени хеликоптери. Исто така, на Црвениот плоштад е поставена низа на камиони и голем број на тенкови и оклопни возила. Руските медиуми наведуваат дека се подготвуваат за голема прослава по повод првата годишница откако полуостровот Крим се отцепил од Украина и се припоил кон Русија, меѓутоа западните медиуми искажуваат сомнеж во однос на тоа сценарио.

Лажен прилог на телевизија

Мистеријата околу исчезнувањето на Путин, вчера ја продлабочи руската државна телевизија Русија 24 кога објави прилог во кој Путин се состанал со претседателот на Киргистан, Алмазбек Атамбајев. Меѓутоа, телевизијата подоцна се негирала сама себе инсистирајќи дека тоа е неточна вест и дека е објавена по грешка. Имено, според нивното објасување, водителот само сакал да го најави состанокот на Путин со Атамбајев, кој е закажан за денеска.

Колку за потсетување, рускиот претседател Владимир Путин за последен пат во јавноста е виден на 5 март.