Извршена контрола во 13 угостителски објекти, два затворени

МВР вчера во содејство со Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат на подрачје на СВР Скопје изврши контроли во вкупно 13 угостителски објекти, при што два се затворени, во три нема неправилности, а во останатите за одредени неправилности е изречена соодветна глоба.

Во три угостителски објекти, соопшти денеска МВР, не се детектирани никакви неправилности и тоа во ТД „БАТО-МАЏО ДООЕЛ“ – подружница ЛЕЗЕТ лоцирано на ул. „Пролет“, „ДУТ ОЛД ГРИПС ПАБ“ ДОО Скопје – подружница „Пивара СТАР ГРАД“ лоцирана на ул. „Градиште“ и „ДПТУ БОНИМИ КОМПАНИ ЈОСИП“ ДООЕЛ Скопје на ул. „Октомвриска Револуција“.

Ресторан „БОЛЕРО – Под Кале“, стои во соопштението, е затворен од сопственикот, во ресторан „ЛА ТАНА“ лоциран на ул. „Пролет“,  објектот нема да обавува дејност до 07.01.2015 год, додека пак во ресторан „МЕЧОС Пица“, контролата не беше извршена, поради претходно издадено решение за забрана на вршење дејност од страна на УЈП на 31.12.2014 година.

Во „АЛПЛАСТ ДООЕЛ“ – подружница БАСТИОН на ул. „Пиринска“ при извршената контрола е утврдено дека се пушело во објектот, за што од страна на ДПИ е изречено платен налог за глоба во износ од 1.250 евра во денарска противвредност.

Потоа во ТД „БУТЛЕГЗ ДОО“ – подружница СОЛОМАТИК лоциран на ул. “Отон Жупанчиќ“, при контролата од страна на Управата за јавни приходи е утврдено несогласување на дневен промет евидентиран со фискалниот апарат, за што е изречен платен налог за глоба во висина од 2.500 евра за правното лице и 750 евра за одговорното лице во правното лице а донесено е и Решение за забрана за вршење дејност во предметниот објект во времетраење од 15 дена.

Во „КАЛА КАФЕ ПЛУС“ ДОО Скопје на ул. „Аминта Трети“ со контролата е констатирано едно непријавено за вработено лице, за што до трудова инспекција ќе следи известување, а од страна на Пазарна инспекција поради немање натпис на локалот „заберането точење алкохол на малолетни лица“ изрече и мерка едукација на управителот.

Во „ДУ-Кафеана КАЛАБАЛАК“ ДООЕЛ Скопје на ул. „Пролетер“, со контролата е утврдено едно лице непријавено за вработено, за што ќе следи известување до Трудова инспекција.

Во контролата на „КЛАН“ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје, подружница КАЛАБРИЈА на ул. „Качанички Пат“ констатирани се неправилности од страна на Управата за јавни приходи односно не е евидентиран дневен промет на фискален апарат, за што е изречен платен налог за глоба во вкупен износ од 3.250 евра од кои 2.500 евра за правното лице и 750 евра за одговорното лице во правното лице. Исто така издадено е решение од страна на УЈП за забрана за вршење на дејност во времетраење од 15 дена а констатирано е и дека има едно непријавено лице за вработено, за што ќе следи допис до Трудова инспекција.

Во „ДППУ ИДЕА“ ДООЕЛ Тетово, подружница “ТИВОЛИ БРХ“ на ул. „Крсте Мисирков“, при контролата од страна на УЈП е констатирано неусогласеност со дневниот промет на фискалниот апарат,  при што во касата се пронајдени помалку средства од фискално евидентираните, за што на управителот му е издаден налог за поравнување во просториите на УЈП. Истовремено при вршењето на контролата во објектот се затекнати лица кои пушеле цигари, за што од страна на МВР се издадени платни налози за глоба во износ од 150 евра, а од страна на Државниот пазарен инспекторат на управителот му е издадена покана за поравнување во просториите на ДПИ на износ од 1.250 евра, пушење цигари во затворен објект.

При контролата на „ДУПТУ МАРАТОНЕЦ ЈМБ“ ДООЕЛ Скопје на бул. „Јане Сандански“, утврдени се неправилности, при што од Државниот пазарен инспекторат е изречена глоба во вкупен износ од 1.500 евра и тоа 1.200 евра за правното лице, 300 евра за одговорното лице во правното лице, поради неутврдување на нормативите на храна, а додека од УЈП поради нерегистрирање на готовински промет на фискален апарат, му е издаден платен налог за глоба во вкупен износ од 3.250 евра од кои 2.500 евра за правното лице и 750 евра за одговорното лице во правното лице. Истовремено е издадено решение за привремена забрана за вршење на дејност во времетраење од три дена.

форо: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.