Ја чувале заштедата со години, па им пропаднале 93.000 марки

Деведесетгодишниот Стјепан Ивичинец заедно со својата осумдесет и петгодишна сопруга Ката со години чувале милион и двесте илјади стари југословенски динари во перница, за „црни денови“.

Кога видел дека неговиот син и снаа имаат потреба од пари за да ја продолжат сеидбата, тој ги викнал на гости и и рекол на Ката да ја донесе перницата.

Стјепан од перницата ги извадил парите кои во тоа време вределе 93.000 германски марки.

„Дојдоа тие црни денови за кои се плашевме. Гледаш дека беше добро што ме послуша и кога штедевме“, и рекол Стјепан на својата сопруга.

Домашните со неверување гледале кога дедото и бабата од перницата извадиле купче безвредни југословенски динари.

Старецот бил зачуден од реакцијата на присутните и велел дека ако треба ќе ја  распара и другата перница, не сфаќајќи дека тие пари се веќе безвредни.