Ја губи ли Жерновски лидерската фотелја во ЛДП?

Во Либерално-демократската партија веќе е почната тивка војна за превласт во ЛДП пред конгресот напролет. Актуелниот потпретседател на партијата Горан Милевски за „Утрински весник“ најави дека на конгресот, што треба да се одржи до крајот на март, ќе се кандидира за лидер на партијата и смета дека ќе победи, независно дали во изборната трка ќе биде Жерновски или не.

„Јас ќе бидам кандидат за претседател, па членството нека избира. Сметам дека ќе победам, не тргнувам во изгубена битка“, вели Милевски.

Тој во ЛДП доаѓа од битолскиот разгранок кој пред четири години го бојкотираше изборот на Жерновски. Вели дека тогаш не гласале затоа што не биле задоволни од состојбите во партијата и изборниот резултат по парламентарните избори во 2011 година кога ЛДП настапи самостојно и не успеа да добие ниту едно пратеничко место.

„И сега состојбите во партијата не се добри. Со рејтинг од 0,3 проценти не можат да бидат добри. ЛДП не заслужи да има толку слаб рејтинг. Незадоволството во битолската партиска организација на последниот состанок со Жерновски беше поради пратеничката Роза Топузова-Каревска која беше личен избор на Жерновски, а која и нанесе штета на партијата“, вели Милевски.

Лидерот на ЛДП и градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски, пак, вели дека размислува да го препушти претседателското место во партијата и да се насочи само на обврските во општината. Претседателскиот мандат му истекува на пролет наредната година, кога и треба да се одржи изборниот конгрес на ЛДП.

Жерновски вели дека одлуката за евентуално повлекување од претседателската функција не е резултат на информациите дека во ЛДП има раскол и дека врз него се вршел притисок да си поднесе оставка, туку бидејќи смета дека со двојниот ангажман – градоначалничката функција и претседателката фотелја, трпат штета и неговото градоначалникување и партијата.

Во опозициски политички кругови токму и за Милевски се шпекулира дека не сака да се откаже од пратеничката функција, доколку работата дојде до таму Собранието да ги констатира оставките на опозициските пратеници. Тој ги демантира овие информации и тврди дека цврсто стои зад одлуката да не ги признаат изборните резултати и да не ги прифатат пратеничките места.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.