Ја убил сопругата и се фрлил од покрив

Утринава околу 3.30 часот, по семејна расправија, сега починатиот, 54-годишниот кочанчанец Б.А., неколкупати со нож ја ранил својата сопруга, 44-годишната Л.А. Откако увидел дека жртвата покажува знаци на живот посегнал по чекан и со него и’ нанел неколку удари во главата со намера да ја усмрти.

Сведок на трагедијата биле децата на брачната двојка, 22-годишната ќерка и 13-годишното момче кое се засолнило кај соседи. Ќерката, по безуспешен обид да го спречи својот татко во кој и самата претрпела повреди, го пријавила случајот во полиција. Во тој момент, таткото се искачил на покривот од семејната куќа и од висина од околу 6 метри скокнал при што починал на лице место. По пристигнување на екипа на Брзата помош, констатирана е смрт кај двете лица, соопшти Основното јавно обвинителство.

МВР информира дека кога полицајците дошле, на покривот од куќата го затекнале мажот, кој во меѓувреме скокнал. Во куќата во неконтактибилна состојба ги затекнале неговата сопруга, ќерката И.А. (22), кои биле пренесени во Општата болница во Кочани, каде жената починала. Ќерката сè уште се наоѓа во неконтактибилна состојба.

Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани извршил увид на лице место заедно со екипа на крим техника од Министерството за внатрешни работи.

Во насока на утврдување на фактите и расветлување на настанот, издадени се Наредби за прибирање и вештачење на траги од лице место, за анализа на крв и урина од починатите и за вршење на обдукција на телата на починатите, се наведува во соопштението.​

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.