Јадранскиот брег до 2100-та ќе се прошири до Мостар

Хрватските приморски градови за некоја деценија ќе бидат невозможни за живот, пишува во неделата хрватскиот портал Espress.hr повикувајќи се на извештајот на Proceedings of the National Academy of Sciences of the U.S.A. (PNAS), кој предвидува ваква можност за јадранскиот брег и хрватските градови доколку нивото на морето се зголеми за 9 метри.

Неодамнешниот извештај на Обединетите нации за стапката на загаденост на атмосферата на планетата наведува дека минатата 2016 година не само што е зголемено нивото на емисии на јаглерод диоксид, туку и дека го достигнале највисокото ниво во историјата на човештвото, како и дека тоа се случувало позабрзано отколку кога и да е досега.

Покрај трендовите и лобирањата на нафтените, гасните и компаниите кои се занимаваат со производство на јаглен, при што се вложуваат милијарди евра и долари во промоцијата на користењето на фосилни горива, светот оди сѐ подалеку од тоа во овој век да се спаси од глобалното затоплување повисоко од 2 Целзиусови степена, колку што се договорија речиси 200-те земји и територии со Парискиот климатски договор постигнат по долги преговарања пред речиси две години во француската престолнина. Уште помалку е веројатно дека затоплувањето на Земјината атмосфера ќе се запре на 1,5 Целзиусов степен, колку што е предложено со договорот, како особено амбициозна цел.

Но како што во моментов стојат работите, и според најоптимистичните предвидувања, светот до 2100 година со вакво темпо би бил потопол за 3 степена. Според таквите сценарија, височината на морињата ширум светот до крајот на векот ќе порасната меѓу 4,3 и 9,9 метри во однос на просечните вредности.

Само пет години откако во официјалните предвидувања дури и растот на морското ниво од 1,5 метри се сметаше за екстремна прогноза, одеднаш се покажува дека и умерените предвидувања се неколкупати позастрашувачки од тоа.

Порталот, во согласност со споменатиот извештај на PNAS, направил мапа којашто предупредува што ќе се случува со јадранскиот брег и со хрватските приморски градови доколку нивото на морето се зголеми за 9 метри.

Со порастот на нивото на морето од само еден до два метра, сите „риви“ на Јадранот ќе бидат поплавени. Доколку нивото на Јадранското Море се зголеми, пак, за 4 метри, ќе бидат поплавени речиси сите стари градски јадра на хрватскиот јадрански брег.

Доколку, пак, нивото на морето порасне за 9 метри, градовите како Трогир и половина Солин, населбите Каштели и Пуљуд во Спли, Диоклецијановата палата, Лора, пристаништето, главната станица, ќе станат атракција за нуркачите, пишува натаму Espress.hr. Појужно, морето ќе продре десетици километри во реката Цетина, па повеќе нема да постои ниту Омиш, ниту половина Макарска.

Долината на реката Неретва е најранливото подрачје во Хрватска на климатските промени. Доколку морското ниво се зголеми за 4 метри, ќе исчезната местата Опузен, Меткович и Плоче, а Чапљина ќе добие своја ривиера. Но морето, според овие предвидувања, нема да се запре тука, па ќе ја потопи и Чапљина. Морет, всушност, според овие проекции ќе продре на половина пат до херцеговскиот град Мостар. Со тоа земјоделието во оваа област ќе замре. Би настрадал и Стон, како и најнаселените делови од сите хрватски острови.

Познатиот Стар град во Дубровник во најголемиот дел ќе биде под вода, потопено ќе биде и градското пристаниште. Ќе настрадаат, исто така, и блиските Цавтат и Купари. Градот Задар со пораст на морското ниво од 9 метри речиси ќе исчезне. Ж

Оние места, пак, коишто нема да бидат неповратно потопени, ќе бидат разорувани во жестоки бури. Во меѓувреме би исчезнале и Нин, Бибиње, поголемиот дел од Шибеник, Скрадин, а устијата на реките од јадранскиот слив ќе се претворат во мртви заливи.

Познатата градина на Трсат во Ријека, на полуостровот Истра, ќе се издигне до самиот брег, а сите пониски места ќе бидат под вода. Под море ќе биде и поголемиот дел од болничкиот комплекс во овој град и практично ќе исчезнат сите знаменитости на Ријека, кои ќе се паметат само од разгледниците.

Слично би се случило и со Пула, со тоа што поради конфигурацијата на теренот морето со ниво од плус 9 метри ќе продре од неколку насоки, ќе отсече некои делови од градот и ќе го претвори во неколку острови. Надалеку познатата пулска Арена ќе се забележува од плиткото. Кога ќе биде мирно времето ќе биде потопена половина град. Но кога ќе започне сезоната на ветерот југо и веќе нормалните урагански бури, под море ќе биде практично сѐ.

Полуостровот Истра катастрофално ќе настрада. Раша повеќе нема да биде река, туку длабок морски залив, ќе исчезнат и познатите летувалишта Пореч, Врсар, Новигард и Ровињ, Мотовун ќе стане приморски град, а Савурдиската вала односно Пиранскиот залив ќе ги потопи дури и граничните премини меѓу Хрватска и Словенија – Плованија и Каштел.