Јахјага: Изборите единствено можно решение за Косово

Косово нема да остане заробеник на политичка криза, а доколку лидерите на политичките партии не постигнат конечен договор за формирање на косовските институции, ќе разгледаме можност за одржување вонредни избори, истакна косовската претседателка Атифете Јахјага во интервју за весникот „Трибуна“, пишува МИА.

– Изборите се последна опција, но Косово не може да остане заробено во несогласувања и интереси на лидерите на политичките субјекти – рече Јахјага додавајќи дека нема да одредува никакви рокови.

Сите рокови, според неа, се веќе одредени врз основа на буџетски потреби и законски одредени временски рокови потребни за организирање на избори.

Јахјага за односите со Србија, смета дека дијалогот е единствена можност за решавање на сите отворени прашања и нормализирање на односите.

На прашањето дали е задоволна од ангажирањето во борбата против тероризмот, Јахјага изјави дека и Косово е загрозено од идеолошки радикализам, како и дека претставува опасност за националната безбедност.