Јахјага: Приштина нема алтернатива за подобрување на односите со Белград

Косовската претседателка Атифете Јахјага денеска изјави дека Приштина нема алтернатива за подобрување на односите со Белград и дека во дијалогот е остварен значаен напредок, но оти се уште е долг патот до нормализирање на односите, пишува МИА.

– Србија мора да вложи значителни напори за спроведување на Бриселскиот договор, посебно кога станува збор за укинување на паралелните структури во северниот дел на Косово, кои се финансирани и поддржани од Белград, а каде нашите граѓани се држат како заложници – истакна Јахјага во Рим, каде се сретна со лидерите на двата дома на италијанскиот Парламент.

Потсетувајќи дека продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина е предвиден за 9 февруари во Брисел, таа изрази благодарност до поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, верувајќи дека нејзината наследничка Федерика Могерини ќе продолжи со помошта за нормализација на односите и јакнење на дијалогот.

Јахјага, исто така, оцени дека КФОР е потребен за мирот и стабилноста на Западен Балкан, а присуството на НАТО на Косово е попотребно од кога било досега поради глобалниот ризик од исламскиот екстремизам.