Јаја Туре чека понуда од ПСЖ

Фудбалските медиуми на Островот се убедени дека најдобриот фудбалер во дресот на актуелниот шампион на Англија, тимот на Манчестер Сити, Јаја Туре, до крајот од летниот преоден рок ќе биде претставен како најнова милионска аквизиција на најбогатиот клуб во француската Прва лига, ПСЖ.

Репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, веќе неколку месеци води вербална војна со раководните лица на Манчестер Сити кои според него намерно не му го честитале 31 роденден.

Искусниот играч за врска веднаш на крајот од изминатат сезона изјави дека му се допаѓа идеата да игра за францускиот гигант и додаде дека нема таков фудбалер кој не би ја искористил укажаната шанса да го облече дресот на ПСЖ.

Англиските медиуми се убедени дека најавениот трансфер може да биде реализиран доколку двата клуба најдат заеднички јазик околу обештетувањето кое нема да биде помало од 40 мил. евра, а парите кои ќе бидат заработени од продажбата на Туре, челниците на Манчестер Сити ќе ги искористат за да осигураат услугите на францускиот интернационалец од редовите на Јувентус, Пол Погба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.