Јаја Туре го обвини Гвардиола дека е расист

Поранешниот фудбалер на „Манчестер Сити“, Јаја Туре во шокантно интервју за „Франс фудбал“ во кое го обвини  доскорешниот тренер, Пеп Гвардиола за расизам и љубомора.

Репрезентативецот на Брег на Слоновата Коска се повлече од англискиот првак, а тоа е втор пат да го напушта тимот предводен од шпанскиот стручњак, откако претходно истото се случило во „Барселона“.

Сакам да го разбијам митот за Гвардиола. Се обидував да разберам зошто сум толку далеку од првата постава, па затоа побарав статистики кои покажаа дека сум подобар и од оние кои се помлади и поценети од мене. Сфатив дека не е во прашање физичка подготвеност. Не знам зошто, но имам чувство дека тој бил љубоморен и цело  време ме гледаше како ривал, изјави Туре.

Тој продолжи со обвиненијата за сметка на Гвардиолa.

Правеше се да ми ја расипе мојата последна сезона во клубот. Беше многу зол. Мислите ли дека така би се однесувал кон Иниеста? Што можев да заклучам, освен дека проблемот е во мојата боја на кожата. А не сум првиот кој се прашал, и други играчи во „Барселона“ го поставувале истото прашање. Можеби ние Африканците едноставно немаме еднаков третман кај некои луѓе. Кога ги гледам сите проблеми што Пеп во минатото ги имал со играчи од Африка, се запрашувам … Но, тој е преинтелигентен за да биде фатен. Никогаш не би признал дека не сака африкански играчи. Е па оној ден кога во тимот ќе стави пет фудбалери од Африка, ветувам дека ќе му испратам торта,  изјави Туре.