Јакимовска: Анѓушев ја злоупотребува државната функција

Вицепромеирот за економски прашања Кочо Анѓушев на најгруб можен начин ја злоупотреби функцијата во Владата на СДСМ и се обиде да приграби преку својата фирма „Фероинвест“ тендер од АД ЕЛЕМ во вредност 2,6 милиони евра што е типичен пример за судир на интереси. Кочо Анѓушев на најподмолен начин ја злоупотребува државната функција, а со тоа и парите на граѓните, рече во саботата на прес- конференција Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Јакимовска смета дека станува збор за нешто што е невидено во ниедна друга држава. Затоа, од ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат Кочо Анѓушев, уште веднаш да си поднесе неотповиклива оставка и веднаш „да ги тргне своите раце од парите на граѓаните“. Оставката е најмалку што може да направи Кочо Анѓушев во овој момент, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Тој со оваа постапка каде што си додели сам себеси тендер, уште еднаш потврди дека не е на функцијата за да работи за граѓаните, туку за личните интереси. Кочо Анѓушев како вицепремиер, наместо да работи на инвестиции за граѓаните, за жал тој инвестира народни пари во својот личен џеб. Граѓаните бараат одговорност! Граѓаните бараат оставка од Кочо Анѓушев“, порача Јакимовска.

Рече дека ВМРО-ДПМНЕ предупредува Владата да не помисли да го поништи тендерот и да распише оглас за нов по изборите за да може Кочо Анѓушев да ги лапне парите кога полуитичката штета би била помала.

„Доколку ‘Фероинвест’, односно Кочо Анѓушев, транспарентно го добила тендерот, ќе се откаже од него, со што ќе се отвори врата за повторување на тендерската постапка и ќе се отфрли сомнежот за влијание врз постапката. Воедно, го повикуваме Јавното обвинителство веднаш да отпочне постапка за утврдување на одговорност и транспарентност на постапката, каде сметаме дека имало влијание од страна на Кочо Анѓушев. На овој бандитизам мора да му се стави крај уште веднаш. Користењето на државните средства и парите на граѓаните за лично богатење е одлика и начин на работа на СДСМ“, изјави Јакимовска.

Порача дека граѓаните го гледаат бандитизмот и расипништвото на СДС со нивните пари, и истото ќе го казнат на претстојните локални избори на 15-ти октомври.