Јакимовска: Двосменското работење може да создаде хаос во гадинките

СДС додека имаа технички министер за труд и социјална политика не отворија ниту една градинка, како што немаа отворено и ниту една градинка во нивното владеење пред 2006 година, ова денеска го изјави на прес-конференција Марија Јакимовска.

-Кадрите на СДС и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска повеќе време одвојуваат за анализа на сите детали околу згрижувањето на мигрантите, наместо да се запознаат со проблематиката за заштита и згрижување на деца од предучилишна возраст. СДС тера гол популизам без да провери дали и колку градинките се подготвени за воведување на втора смена. Оваа мерка може да створи хаос во работата на градинките, истакна Јакимовска.

Таа потенцираше дека според анкетата која ја спроведе министерството за труд и социјална политика, се покажа дека не постои интерес за воведување на втора смена. Од вкупно 54 општини во кои има 65 градинки само 4 покажале интерес за двосменско работење што е само 7% од вкупниот број на градинки.

-СДС со планираното воведување на работа во двете смени, ризикува да го преполови капацитетот на градинките во периодот кога има најголема потреба од нив, односно во текот на работниот ден и со тоа да ги направи нефункционални. Голема лага е дека од септември градинките ќе бидат подготвени да работат во две смени. Воведување на работа во две смени не може да се реализира без нови работни места и невозможно е таа да профункционира во градинките во Република Македонија, вели Јакимовска.

Таа изјави и дека од СДС не видовме конкретен план и стратегија како тие ќе ја реализираат оваа нивна мерка, за која се потребни илјадници нови вработувања на стручен кадар како воспитувачки, негуватели, готвачи, хигиеничари, чувари и итн.

-За реализација на оваа мерка исто така потребно е и зголемување на буџетот и блок дотациите за детските градинки, а тоа не е предвидено во ребалансот за буџетот за 2017, кој е донесен токму владата предводена од СДС, што е уште еден показател дека СДС е на пат да направи хаос и во градинките низ државата. Најголемиот број на градинки моментално работат од 7 часот наутро до 18 часот навечер, така да ноторна лага е дека тие работеле до 14:30 часот. Сегашното работно време на родителите им овозможува навреме да стигнат на работа и да имаат време после работа да ги земат своите деца од градинка, а програмите за целодневен престој траат од 9 до 11 часа и истите можат да се изведуваат претпладне, попладне, целодневно или наизменично, рече Јакимовска.

Таа потенцираше и дека Анкетата која ја спроведуваат СДС и Царовска нема никаква врска со репрезентативност.

-Владата на СДС нема капацитет ниту концепт за спроведување на реформи. На 15-ти октомври СДС ќе ги стигне казната од граѓаните кои ќе покажат колку не им веруваат на неспособните министри, заврши Јакимовска.