Јакимовска: Владата го чести Анѓушев со зголемување на вредноста на имотот за најмалку десет пати

Нов ден нов скандал на Владата на СДСМ која спротивно на закон во изборен период извршила пренамена на земјиште со цел да им овозможат на фирмите на вицепшремиеот за економски прашања Кочо Анѓушев да градат, со што на повидок е нова скандалозна зделка за нови милиони на Анѓушеви, богатење на грбот на граѓаните, обвини Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Потенцираше дека скандалите врзани околу бизнисите на Кочо Анѓушев и Владата во која тој е вицепремиер немаат крај.

„Имено Владата на седница на 29-ти август донесе одлука за пренамена на земјоделско земјиште во градежно земјиште на локација Велес, поточно катастарска општина Чашка. Со ова, земјиштето кое е во сопственост на Анѓушеви од земјоделско станало градежно и на тој начин вредноста му е зголемена за најмалку десет пати. Едноставно кажано, колегите на Анѓушев во Владата го почестиле со зголемување на неговиот имот за десет пати само со една одлука, само со еден потпис“, изјави Јакимовска.

Кажа дека на оваа локација му се овозможува на Анѓушев, поточно на фирмите „Energy delivery solutions“ и „Hidro holding“ односно „Мали хидроелектрани“ Тополки ДОО да градат хидроелектрична централа со придружни објекти. Јакимовска потенцираше дека овие фирми колку и да сака Анѓшушев да не ги признава, се управувани од братот на Кочо Анѓушев, Тодор Анѓушев.

„Овој скандал е огромен. Ова е сериозен сомнеж за злоупотреба на позицијата за богатење. Прво, Владата го чести својот министер со зголемување на вредноста на имотот за најмалку десет пати. Второ, се овозможува неговиот брат на досега земјоделско земјиште да гради хидро електрична централа и на тој начин да го зголемува својот бизнис и своето богатство. Ова неодоливо потсетува на струмичката шема која ја воведе Заев кога овозможуваше бизниси на семејните фирми. Трето, целата одлука на владата е крајно сомнителна и нелегална бидејќи оваа одлука за покачување на вредноста на земјиштето е направена 23 дена откако беа распишани изборите и откако владата практично е ограничена и не смее да носи вакви одлуки“, изјави Јакимовска.

Додаде дека додека економијата доживува крах, додека стопанството е пред колапс, додека стандардот на граѓаните паѓа, додека растат цените на производите, а просечната плата се намалува, додека се бркаат инвеститори, само семејните бизниси на Зави и Анѓушеви цветаат и тоа со сесрдна помош на институциите под нивна контрола.

„Граѓаните ќе застанат на патот на овие бизнис картели вгнездени во власта. Тоа ќе го направат на престојните локални избори кога ќе им испорачаат катастрофален пораз. Тоа ќе биде казната за нивната неодговорност и негрижа за потребите на граѓаните, но и казна за нивната алчност и користење на позициите за лично и семејно богатење“, заклучи Јакимовска.