Јакимовски: Со одземање на овластувањата, Спасовски создава безбедносен проблем

Министерот создава безбедносен проблем со одземањето на овластувањата на МВР. Ако продолжи така да се однесува има решение, а тоа е  Парламентот да го разреши.

Ова во одговор на новинарско прашање го посочи лидерот на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) Стевчо Јакимовски на денешната прес конференција, што се оддржа по повод бегалската криза.

Јакимовски: Со одземање на овластувањата, Спасовски создава безбедносен проблем
Јакимовски: Со одземање на овластувањата, Спасовски создава безбедносен проблем

Она што јас знам, согласно со европските директиви на министрите треба да им се укинат дискреционите права, односно министерот да нема таква моќ со еден потез да може да ги суспендираат овластувањата на 10 до 12 илјади вработени во МВР. Ниту тој, ниту кој било министер согласно ЕУ директивите не смее тоа да го прави, заклучи Јакимовски.

Претходно, Јакимовски нагласи дека откако Словенија најави дека планира да крене ограда на границата, а словенечкиот претседател ги повикал и Хрватска  и сите други земји во регионот да постават исто така мрежи и огради, сé до изворот на проблемот, а очигледно изворот на проблемот е Грција, Македонија не треба да доцни.

Ова е вистинска причина да почне да работи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој што се однесува како слон во стакларски дуќан. Тој треба да се зафати со вистинска работа, со безбедносните проблеми и закани, а не со тривијални работи, како што гледаме два – три дена назад. Поточно, тој  прво почна со одеземање на ингеренциите на сите вработени во Министерството за внатрешни работи. Прашувам дали сме свесни каков безбедносен проблем ни се случува, праша тој.

Во оваа пригода, претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, на сите граѓани на Скопје и на Република Македонија им го честиташе  празникот 13-ти Ноември, денот на ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор.