Јакимовски: Пуштањето на снимка со Црвенковски не е по грешка

Со пуштањето во јавност на снимката во која се споменува името на Бранко Црвенковски, каде се споменува наводен договор за последните локални избори во 2013 година за општините Карпош и Центар, Зоран Заев сака да му испрати порака на својот поранешен лидер, тој и неговите првирзаници да се држат понастрана од овие пресметки, вели за НетПрес поранешниот член на СДСМ, а денеска лидер на ГРОМ и градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски.

„Со пуштањето во јавност на оваа снимка, Заев ги потврди гласините дека тие се користат за внатрепартиски пресметки, како и за дисциплинирање и санкционирање на минатите, но и сегашните пратеници кои сакаат да се вратат во Собранието. Пред одреден период 30 илјади луѓе се потпишаа со свое име и презиме и побараа Бранко Црвенковски да се врати на лидерската позиција, бидејќи Заев со овој начин на водење на партијата ќе доживее само фијаско. Овие луѓе кои го дадоа својот потпис политички се ликвидирани од страна на Заев“, вели Јакимовски.

Јакимовски додава дека со оваа снимка, според која е потребно да се направи тајна коалиција меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ за Карпош и Центар, Заев си се погоди со сопствен куршум. Тој вели и дека не е ни случајно што еден ден по гостувањето на Андреј Петров и Васко Ефтов е пуштена ваква снимка во јавност каде се споменува името на поранешниот лидер, Бранко Црвенковски.

Инаку, во јавноста се шпелкулира и за купување на гласови во Струмица од цели ромски маала, како и во Куманово, купување на гласови кај албанското население од страна на опозициската СДСМ.

СДСМ има искуство во фалсификување на избори уште од далечната 1996 година кога за градоначалник на Карпош беше избран Сашо Кузмановски. Тој го победи Михаил Гаревски, кој беше кандидат на ДП и ВМРО-ДПМНЕ, за седумдесетина гласови. Тогашните службеници од општина Карпош, велат дека доцна во ноќта влегле во просторијата каде се наоѓал гласачкиот материјал и ги фалсификувале гласовите од затворите и војската, кои дотогаш имале гласано.

„Од 2000 година, па наваму можеме да кажеме дека имаме избори без фалсификување во Карпош“, подвлекува Јакимовски.

На самиот крај, Јакимовски вели дека за Македонија да добие квалитетна опозиција потребно е на Конгрес, да се избере ново раководство на СДСМ, за да може таа како партија да се врати во нормала, а не да биде партија на воајери. Потребно е да понудат реална политика и проекти, а не политика на закани кон споственото членство, противници, но и државата.