Јакимовски со двојно поголема поддршка пред Богоев во Карпош

Според последната анкета на професионалната рејтинг агенција Центар за истражување и анализа (ЦИА), кандидатот за градоначалник на коалицијата За подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ и досегашен градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, има речиси во двојна предност пред противкандидатот од СДСМ, Стефан Богоев.

Со сооднос во рејтинзите од 40,9 отсто на добиени гласови наспроти 23,6 проценти, значи дека ако изборите би се одржале сега, лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски би извојувал лесна победа над Стефан Богоев.

Репрезентативниот примерок на ЦИА од 1.202 анкетирани граѓани говори дека граѓаните на Карпош повторно ќе го изберат сегашниот градоначалник и тоа благодарение на три клучни фактора: Досега изведените проекти, личноста и програмата што им ја нуди за наредниот четиригодишен мандат и претходното работно искуство. Тоа всушност укажува на фактот дека граѓаните на Карпош јасно знаат да разграничат парламентарни од локални избори и дека незначителен број на граѓани би гласале само поради партиска припадност на еден од кандидатите.

Оваа анкета е направена на двојно повеќе граѓани од таа на „Рејтинг“ од 600 испитаници, со што во старт ја прави поверодостојна.

Карпошани веруваат само на она што го виделе и веруваат во личност која е способна да го испорача ветеното. Очигледно и оваа анкета покажува предност на искуството во водењето на општината, односно недоверба во понудите на неискусни кандидати од страна на партиите.

Дека Јакимовски е идниот градоначалник на Карпош мислат повеќе од половината испитаници на ЦИА односно 53,4 отсто од прашаните. Овој процент е поголем од граѓаните кои рекле дека ќе гласаат за Јакимовски бидејќи дури и оние кои не мислат да гласаат или би гласале за Богоев, реално ја проценуваат состојбата. Во Карпош на терен е сосема јасно- Јакимовски добива нов мандат од граѓаните.

Во прилог на Јакимовски е токму искуството, односно 54,4 отсто го гледаат како поподготвен градоначалник наспроти 21,7 отсто односно, околу 2 проценти од оние кои би гласале за Богоев признаваат дека Јакимовски е поподготвен да биде градоначалник.

Дека станува збор за поисцрпна и поверодостојна анкета говори и фактот што според резултатите на ЦИА во Карпош преовладува поголема наклонетост кон СДСМ од 26,3 проценти, наспроти 21,3 отсто за ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ со 10,5 отсто.

Истражувањето на ЦИА е вршено во речиси ист временски период кога и испитувањето на „Рејтинг“ односно од 24 до 29 септември, со можно отстапување во резултатите од плус/минус 2 отсто, наспроти процентот на статистичка грешка кај „Рејтинг“ од 3,9 проценти.

Инаку ЦИА ги вршеше испитувањата на јавното мислење за Стевчо Јакимовски и во 2012 година врз основа на кои Јакимовски се одлучи да се кандидира и кои укажуваа на негова убедлива победа што всушност и се случи.