Јаковлески: Ние ветераните му ја даваме целосната поддршка на нашиот лидер Никола Груевски

Во продолжение интегрален текст од обраќањето на Мане Јаковлески, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ:

Почитувани, денес меѓу нас веќе го нема идеологот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Богдановски, го нема Никола Кљусев, Јордан Мијалков, Костадин Диневски-Динката, Борис Трајковски, чичко Дуле, Митко врапчето, и многу други наши сопартијци и патриоти кои се вложија во ВМРО-ДПМНЕ, кои го трасираа патот по кој денес ние чекориме.

Благодарение на сите кои се вложија а некои и го дадоа животот, Македонија денес застанува на стабилни нозе и покрај предрасудите што нашите политички опоненти ги имаат.
НА КРАТКО, КАКО ЗАПОЧНА ПРИКАЗНАТА ЗА ВМРО ДПМНЕ.

Кон крајот на 1950 год. Драган Богдановски преку Грција емигрира за Јужна Америка.
Во 1958 год. Доаѓа во Европа и издава повеќе весници, списанија и книги. Во Осло го издава списанието „Македонска лоза„ и „Слободна Македонија„ потоа во Германија го печати весникот „Македонија„ и списанието „Македонска нација„.

Во 1963 год. се формира македонската организација ОКМ. Во 1972 год. ОКМ се трансформира во ДОМ а кратко време после тоа ДОМ се трансформира во ДООМ.
Во 1977 год. Драган Богдановски, како претседател на ДООМ е киднапиран од припадници на УДБА во Париз и доведен во Југославија.

Судскиот процес против него бил организиран зад затворени врати, без присуство на јавност. На тој процес Драган беше осуден на 13 години. Во Идризово издржува 11 години затвор.
Во 1988 година, Драган Богдановски по излегувањето од затвор извесно време живее во Скопје, а по добивањето на тогаш Југословенска патна исправа заедно заминавме, прво за Берлин а потоа во Шведска.
Во Минхен, ноќта меѓу 31 јули и 1 август 1974 г. на ѕверски начин беше убиен од досега неоткриени убијци организациониот секретар на Централниот Комитет на Движењето за Ослободување и Обединување на Македонија, Благој Шамбевски.

Исто така во Минхен, УДБА организира кражба на кириличните слова и беше искршена печатницата, во која се печатеше списанието МН.
Во април 1990 година Драган Богдановски од Малме-Шведска доаѓа во Берлин. Тој во Берлин не запозна дека има подготвено програма и статут на партија ДПМНЕ која треба да се формира во Македонија.
На тој состанок во ресторанот „Ново Скопје„ во Берлин, учествуваа: Драган Богдановски, Гојко Јаковлески, Стево Доневски-мајка, Мане Јаковлески, Ванчо Механџиски-новинар, кој престојуваше на гости кај Гојко Јаковлески.

Драган не информираше дека има луѓе во Македонија, Австралија Америка и Канада кои се подготвени да започнат активност за формирање партија во Македонија.
По состанокот во Берлин, Драган Богдановски, Гојко Јаковлески и Стево Доневски заминуваат во Минхен.
На состанокот што се одржа на почетокот на јуни 1990 година во Минхен, од Македонија присуствуваа: Љупчо Георгиевски, Борис Змејковски, Владо Транталовски-татко на Дијана Транталовска.

На состанокот во Минхен по предлог на Борис Змејковски беше одлучено, предложеното име од страна на Драган, партијата да се вика ДПМНЕ, да се додаде и придавката ВМРО.

На 17 јуни 1990 г. Во домот за Млади во Скопје беше формирана партијата ВМРО-ДПМНЕ.
По формирањето на ВМРО-ДПМНЕ , во септември 1991 год. во Берлин, се одржа првото советување на македонците во дијаспората.

На тоа советување присуствуваа преставници од Европа, Австралија, Канада, Америка, Пиринска и Егејска Македонија.
На советувањето се донесе одлука, да се формира првиот Задграничен комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Берлин-Германија.
Задграничните Комитети на ВМРО-ДПМНЕ во Европа, беа организатори на трибини во Берлин на тема: Македонија Вчера , денес и утре. Заради информирање на нашите во Берлин организиравме Телевизиска програма „Македонски глас“ која еднаш неделно се емитуваше на отворен Канал во Берлин и други градови во Германија. Исто така организиравме четириесетина демонстрации за признавање на Македонија и тоа: во Берлин,Ханофер-Лацен, Хамбург, Минхен, Бон – Германија, Белгија, Швајцарија, Луксембург, Шведска, Шкотска, Данска.

Исто така демонстрации во организација на Задграничните Комитети беа организирани и во Австралија, Америка и Канада.
Демонстрациите во Европа,Австралија, Америка и Канада, дадоа голем придонес во процесот за запознавање на светската јавност преку активностите на македонската кауза.
Од денешен агол погледнато на настаните што се случуваа пред 26 години, може да го извлечеме заклучокот дека 1990 и 1991 година беа клучни, одлучни и историски години за судбината и иднината на Македонија.

Почитувани, Денес имаме се што ветивме деведесетите години, денес имаме Влада од партијата која тогаш ја формиравме, Влада на ВМРО-ДПМНЕ, на чие чело е неуморниот Претседател Никола Груевски.
Како најблизок пријател и истомисленик на Драган Богдановски тврдам, доколку би бил жив денес, би се гордеел со сето она што досега го има постигнато владата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Никола Груевски.

Ние Основачите, Ветераните на ВМРО ДПМНЕ му даваме целосна поддршка на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Го подржуваме лидерот на партијата да истрае на патот по кој чекори и заедно да ги победиме сите зла кои се исправени пред македонската држава и народ.
А на самопрогласените спасувачи, им порачуваме: не се играјте со Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, седете подалеку, за да не се изгорите.
Почитувани, ВМРО-ДПМНЕ, не е само партија, ВМРО-ДПМНЕ е идеологија, формирана во исклучителен историски момент и се претвори во стеблото на МАКЕДОНСКИОТ непокор, сплотена, цврста, и благодарение на младите, во Македонија вечно ќе опстојува како гарант на МАКЕДОНСКАТА иднина, сега и засекогаш.

И на крај, ги повикувам сите во Македонија и нашите браќа и сестри во Дијаспората, на 11 декември да излеземе масовно на гласање, да го дадеме својот глас за гарантот за успешна Македонија ВМРО-ДПМНЕ, а вечерта сите на плоштадите во Македонија и Дијаспората да ја прославиме десетата победа за Македонија.

Вечно да е ВМРО-ДПМНЕ, Вечна да е Библијска Македонија, АМИН!