Јаковлевски: Тоа што патриоти се во затвор, а убијците од Смилковско на слобода е цинична и селективна правда на хунтата на власт

На протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за правда во вторникот вечерта, пред граѓаните се обрати Мане Јаковлевски. Тој кажа дека наместо светла иднина државата е обвиена од темнина.

„Наместо инвестиции и нови вработувања, замре економијата. Наместо поголеми плати и пензии, неисплатени плати и откази. Наместо мир и безбедност, бројот на убиства е зголемен. И животните се вознемирија, почнаа да напаѓаат луѓе. Тоа што актерите, пејачите, членовите на патриотските здруженија се во затвор, а убијците од Смилковско езеро се на слобода е цинична и селективна правда на хунтата на власт“, рече Јаковлевски.

Порача дека доста беше разнебитување на државата, дека доста се поделби кај македонскиот народ.

„Дојде време да си подадеме рака и со заеднички напори да зачекориме смело по патот на Тодор Александров, на Гоце, на Даме, на Ченто, Брашнаров и други. Време е да се сплотиме, зошто ако останеме поделени не чека пропаст“, додаде Јаковлески.

Кажа и дека откако е формирана ВМРО-ДПМНЕ еден ден не им бил оставен да се радуваат на татковината.

„Се собравме повторно и бараме без одлагање притворот на уставобранителите да биде прекинат, политичките монтирани обвиненија за тероризам да бидат повлечени, да престанат сите процеси на политички прогон, да престанат малтретирањата и понижувањата. Веднаш да се пуштат на слобода сите коишто се опфатени со овој политички прогон“, порача Јаковлевски.

Кажа дека ќе протестираат се додека не бидат граѓаните пуштени на слобода. Тој порача дека Заев и врхушката на СДСМ, која апси недолжни луѓе, еден ден ќе се кае.