Јаковлевски: Затворите се премали за да нѐ уапсат сите кои сме задоени со идеалот за самостојна Македонија

На протестот организиран од страна ВМРО-ДПМНЕ и во вторникот пред Министерството за правда, пред граѓаните се обрати еден од основачите на партијата, Мане Јаковлевски, кој порача дека е истомисленик на околу 40.000 ветерани кои ја освежиле идејата за независна Македонија.

„Токму таа партија што тогаш ја формиравме, која успеа да го оствари сонот на нашите претходни генерации, денеска повторно, како и во минатото, е изложена на најбрутални притисоци. Сакаат да ја уништат ВМРО-ДПМНЕ, сакаат да уништат нешто што не може да се уништи. Иако како орли се нафрлиле на ВМРО од сите страни, ве уверувам, а и на нив им порачувам – нема да им успее!“, порача Јаковлевски.

Напомена дека ВМРО-ДПМНЕ не е само политичка партија, туку оти ВМРО е идеологија, која имала свои успеси и свои падови.

„Но секогаш по секоја голема криза, повторно се појавува уште посилно. Денеска протестираме затоа што Заев и надворешните центри на моќ, затворија мајка со три малолетни деца, првенци од Миланската сакала, актери, лекари, режисери, наши браќа од патриотските здруженија и денеска пратеници“, рече Јаковлевски.

Како што кажа тој, како што тргнале уште ќе апсат, ќе го полнат македонскиот затвор со Македонци, исто како на времето кога нивните предци ги полнеле Идризово и Голи Оток.

„За разлика од тогаш, денес сме многумина оние кои сме задоени со идеалот за самостојна Македонија, нема место сите да нѐ уапсат, затворите се премали. Денес преку окупираните институции се празнат затворите од криминалци и терористи, а се полнат со патриоти, чија единствена вина е што ја сакат Македонија. Ова што го прават денес е како да се разбудија духовите на информ бирото, а до каде ќе оди оваа хистерија ќе зависи од сите нас, што се собравме денеска на ова студенило“, рече Јаковлевски.

Повика граѓаните да го кренат гласот, сите оние кои со душа и срце си ја сакаат Македонија, бидејќи, како што кажа, не се само тие, дека ги има многу илјадници.

„Денес македонската држава е нападната од странски центри на моќ, заедно со петтоколонаши насочени против идеалот на ВМРО, организација која претставува единствена пречка за разнебитување на македонската држава. Јас тука пред сите вас повикувам на македонско национално единство, национално помирување. Во спротивно ќе биде како во историјата, пресметка меѓу Македонци“, заклучи Јаковлевски.