Јанакиески: Градежништвото двигател на растот и во 2014 година

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески очекува и во наредната 2014 година да продолжи трендот на раст на градежништвото во Македонија, дури и со поголема стапка од годинашната.

„Градежништвото во последните две години е двигател на економскиот раст во Република Македонија. Само годинава реконструирани и изградени се околу 100 локални патишта во должина од 114 километри, а во фаза на завршување се и осум регионални патни правци. Во фаза на градба е и автопатот Демир Капија -Смоквица, се реализираат и градбите од проектот Скопје 2014. Сето тоа придонесе за развој на градежништвото“, рече Јанакиески пренесе МИА.

Тој посочи дека само во општина Аеродром се градат петнаесетина згради, а ширум територијата на Македонија се продадени огромен број на локации за градба.

„Во 2014 година очекувам уште повисок раст на градежништво, бидејќи ќе започне изградбата на два нови автопатишта, ќе продолжи изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица,  повеќе од сигурно е дека  ќе започне изградбата на пругата кон Бугарија и изградбата  на главните магистрални гасоводни мрежи. Сето тоа кажува дека  градежништвото ќе биде двигател на економијата и во 2014 година,“ нагласи Јанакиески.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во третиот квартал од 2013 година градежниот сектор во Македонија бележи раст од 30,5 отсто, а растот на БДП е 3,3 отсто.