Јанакиески ќе ги посети критичните места во општина Новаци

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески претпладнево ќе ги посети критичните места во Општина Новаци, која се соочува со опасност од поплави.

За да се спречи поплавување на селата во Новаци од Црна Река вчера беше ископан канал на регионалниот пат Битола-Новаци. Со испуштање на водата, се очекува, да се избегне опасноста таа да влезе во куќите и да предизвика голема материјална штета.

На местото каде што е прекинат патниот правец е поставен времен подвижен премин наменет само за пешаци.

Овој регионален пат исто така го користат и вработените во РЕК Битола за да стигнат до своите работни места, но сега преку временото решение се врши преземање на работниците од едната до другата страна и обратно.

Вчера градоначалникот на Општина Новаци Лазар Котевски изјави дека сечењето на патот е неизбежен потег зашто ситуацијата е тешка.

– Во Новаци имаме изградено одбранбени насипи, но прелевањето на водата од едната на другата страна на патот беше неизбежен. Комуникацијата на населението меѓу општините Битола и Новаци во наредниот период ќе се врши по обиколницата што води кон селото Добромири, Агларци, Дедебалци, Добрушево до Тополчани, а оттаму граѓаните ќе можат да пристигнуваат во Битола, објасни Котевски.

Одлуката за сечење на регионалниот пат до РЕК Битола беше донесена по вчерапшниот состанок на регионалниот кризен штаб.