Јанакиески: Ќе најдеме концесионер за изградба на два автопатишта

„Во наредниот период со точно утврдени рокови во нашата програма стои дека до 2016 година ќе ја завршиме изградбата на автопатот Александар Македонски од Демир Капија до Смоквица во должина од 28 километри инвестиција од 210 милиони евра.Исто така ќе завршиме со изградба на автопатот Гоце Делчев од Скопје преку Свети Николе до Штип со должина од од 47 километри, рокот за изградба е 2017 година, а вредноста на инвестицијата е 206 милиони евра. Исто така ќе заврешиме со изградба на автопатот Мајка Тереза, делницата Кичево до Охрид, со должина од 57 километри, инвестиција од 374 милиони евра, градбата ќе заврши во 2018 година. За сите овие автопатишта финансиската конструкција е затворена и точно во програмата е ставено кога истите ќе завршат,“ истакна на денешната прес конференција, Миле Јанакиески.

За разлика од ова, потенцираше тој во програмата на СДСМ, целокупниот дел за инфраструктура е само една и пол страница. Без точно определени рокови, без точно определена сума, без тоа кога ќе почне и кога ќе заврши. Тие имаат еден проект кој вели, автопатот Велес до Битола. Прашањето е како ќе се финансира тој пат, кога ќе започне, кога ќе заврши истиот и од каде ќе бидат обезбедени финансиски средства?

„Покрај ова, во нашата програма стои дека ќе направиме обид за изнаоѓање на концесионер за изградба на два автопатишта, тоа е Гостивар – Кичево и автопатската делница од Скопје до Блаце. За ова веќе се започнати подготовките и очекуваме во текот на оваа година да распишеме повик за изнаоѓање на потенционален концесионер.Исто така уште еден автопат кој ќе започне да се гради во наредните 4 години е автопатот од Требениште до Струга, дел од коридорот 8, во должина од 8,5 километри, со вредност од околу 50 милиони евра, а ќе го започнеме во 2016 година. Покрај тоа, на автопатиштата во Македонија кои веќе се изградени, ќе направиме целосна реконструкција на патот од Велес до Катланово, која ќе започне оваа година и е во вредност од околу 8 милиони евра, тој е дел од коридорот Александар Македонски, во должина од 23,5 километри,“истакна Јанакиески.

Исто така ќе се реконструира дел од коридорот 10, делницата Смоквица – Гевгелија, во должина од 10,5 километри, со проектирана вредност од 7 милиони евра. Ќе се реконструираат делниците Неготино до Демир Капија и од Куманово до Миладиновце во вредност од 23 милиони евра. Сите овие делници ќе бидат завршени во 2017 година. Трите делници кои се планирани да се реконструираат како дел од коридорот 10 ќе бидат завршени во 2017 година.

„Потоа планираме во правец кон Бугарија да започне првата фаза од изградба на пат, експресен пат кон Бугарија, должината на оваа прва делница од Ранковце до Крива Паланка е 22 километри, се очекува да биде околу 70 милиони евра, а рокот за реализација е од 2016 до 2018 година.Ова се само делот на инвестиции од патната инфраструктура, од другата страна имаме понудено само еден автопат каде што немаме ниту рокови, ниту финансиска конструкција, ниту кога ќе започне, ниту кога ќе заврши самиот проект. Потоа имаме друга инвестиција во патната инфраструктура,“ вели Јанакиески.

Тој потенцираше дека  следи проширување и реконструкција до ниво на експресен пат на делницата Штип-Кочани многу занчаен пат за развој на источна Македонија во должина од 26 километри, вредност на инвестицијата од 23 милинони евра, а истата треба да започне некаде кон крајот на 2017 година, до тогаш ќе се припрема тендерската документација и потребно е време за обезбедување на финансиски средства.

„Исто така предвидено е изградба на нов експресен пат со 4 ленти од Охрид до Пештани, во должина од 14,5 километри и овој пат треба да заврши до 2018 година, како и експресен пат од Штип до Радовиш во должина од 38 километри, чија градба треба да почне во 2017 година. Вкупно овие два експресни патишта вредат 120 милиони евра. Има и други проекти. Многу значаен за делот на пелагонискиот регион кој ќе се реализира од 2015 до 2019 година, е изградба на експресен пат во 4 ленти од Градско преку Росоман до Прилеп во должина од 28,3 километри, вкупна инвестиција од 70 милиони евра. Овој пат ќе се реализира во неколку фази, ќе започне во 2015 година, а треба да заврши во 2019 година,“ вели Јанакиески.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.