Јанакиески: Милијарда и 300 милиони евра инвестиции во инфраструктурата

Околу една милијарда и 300 милиони евра е вкупната инвестиција за патната и железничката инфраструктура што во исто време се реализира во Македонија. 500 милиони евра е инвестицијата во железницата која треба да направи нова модерна железничка инфарструктутра, а околу 800 милиона евра е инвестицијата за само трите автопатски делници кои заеднички излесуваат 312 километри и како никогаш порано во Македонија се градат во исто време.

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески во Интервју за Прес24, вели дека овие проекти ќе значат засилен развој на македонската економија.

-Со оглед дека новите возови ќе бидат направени согласно техничките стандарди за интероперабилност на Европската Унија, значително ќе го подигнеме квалитетот на превоз за овој вид на сообраќај и на граѓаните ќе им понудиме европски услови за патување. Со ова, конечно ќе ја смениме сликата на Железницата, од претходната со стари и дотраени возови, вели Јанакиески акцентирајќи ја потребата од инвестиции во железницата.

Зошто во Македонија 20 години не се инвестирало волку во патната и железничката инфраструктура е прашање за претходните влади, вели за Прес24, Јанакиески. Тој е дециден дека никој не треба да има сомнеж дека сите овие почнати проекти ќе бидат реализирани.

-Нема сомнеж дека сите започнати проекти ќе бидат завршени, затоа што ние не започнуваме ниту еден проект без претходно да ги изготвиме потребните студии и анализи и секако, не ги започнуваме без да ги обезбедиме потребните средства за нивна конечна реализација. Она што можам да го кажам во моментот е дека капиталните проекти чија реализација е во тек се одвиваат со добра динамика и според предвидениот календар на активности, вели министерот за транспорт и врски во интервјуто за Прес24.

Со заокружување на делницата Кичево-Гостивар, Македонија ќе добие автопатско поврзување на западно јужниот дел од државата. Со реализација на делницата Демир Капија-Смоквица целата магистрала југ-север ќе биде автопатско поврзана, а по изградбата на автопатот Штип-Скопје, ќе продолжи и реализација на проект за поврзување на источниот дел од државата со експресен пат.

-На почетокот на следната година треба да ја имаме готова и проектната документација за проширување и реконструкција на ниво на експресен пат од Штип до Кочани. Планираме да го рехабилитираме и регионалниот пат од Кочани преку Македонска Каменица до Делчево, за овој дел сме во фаза на проектирање, вели Јанакиески во интервјуто.

Миниситерот за транспорт е задоволен од проектот за субвенционирање на ниско буџетните авио компании, за кои вели дека нема да имаат какви било последици и по изборот на национален авио превозник, за кој Јанакиевски потенцира дека ќе има фер-игра, без фаворизирање на ниту една авиокомпанија.

-Нема никакви интерференци помеѓу воспоставувањето на национален авиопревозник и субвенционирањето на нискотарифните превозници. Нискотарифните превозници нудат доста поволни цени за патување во воздушниот сообраќај и тоа е една голема поволност за граѓаните, токму затоа е и владината стимулација во овој дел. Пазарот во Република Македонија во оваа сфера е либерален и успешноста во работењето на секој оператор зависи од начинот на кој се менаџираат потребите на македонските патници и интересот за различните дестинации, вели Јанакиевски.

Меѓу останатите проекти кои се предмет на реализација на министерството за транспорт и врски, а за кои Јанакиески одговора на прашањата на Прес24, е и законот за домување. Досега се издадени 43 лиценци за фирми кои одржуваат станбени објекти.

-Важно е да се напомене дека континуирано се следи работењето на овие фирми и до сега се поведени постапки за одземање на лиценцата на 10 од нив, од кои 8 се веќе правосилни, а за 2 се води управен спор. Сите граѓани кои користат услуги од лиценцираните управители, за секое евентуално незадоволство од добиената услуга можат да се обратат до надлежната Регулаторна комисија, затоа што целта на овој закон е овозможување на прописно одржување на зедничките делови од зградите и доколку се констатира дека некоја компанија не се придржува до законските одредби, може да биде предмет на проверка со цел да се преиспита добивањето на соодветната лиценца, вели Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски во интервјуто за Прес24.

Целосното интервју може да го прочитате ТУКА