Јанакиески: Новите авиолинии ќе започнат со работа од јули

Во врска со проектот за субвенционирање на нискобуџетните летови, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуровска на денешнта собраниска седница посветена на пратеничките прашања го праша министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кога се очекува зголемување на бројот на летовите и кои се новите дестинации.

Јанакиески во својот одговор посочи дека Министерството склучило договор со Визер со цел да стимулира отворање на нови авиолинии.

-За оваа намена од Буџетот се издвоени околу 5 милиони евра за наредните три години. Новите авиолинии ќе почнат со работа од почетокот на месец јули оваа година и ќе бидат летови кон Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург, додека пак се воведува и нова линија од Охрид кон Базел, посочи Јанакиески.

Затуровска ја искористи можноста да го праша Јанакиески дали министерството ги има во предвид сите проблеми со кои што се среќаваат граѓаните во Струга и дали ќе се изнајде можност да се решат комуналните проблеми.

Министерот за транспорт и врски истакна дека Општина Струга на располагање има 1 448 000 евра средства што Владата на Република Македонија ги обезбеди во соработка со Европската Инвестициона банка.

-Оттука, можам да кажам дека Општина Струга има се уште можност да аплицира за овие средства и да го реализира проектот за поставување на канализација, посочи Јанакиески.