Јанакиески: Повеќе туристи во Дојран со новите инвестиции

Зголемување на бројот на туристи во Дојран се очекува со двете нови инвестиции кои што треба да се реализираат во ова туристичко место, рече денеска министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, одговарајќи на новинарско прашање  по почетокот на градежните работи на улица во Драчево.

„Се работи за патека над два километри со што целосно ќе се поврзат  Нов и Стар Дојран и тоа ќе биде една дополнителна атракција за голем број туристи, чиј број се зголемува од година во година. Очекувам во март да започнат градежните работи и најдоцна до крајот на годинава целосно да биде изградена таа патека, која е продлжение на постоечката“, рече Јанакиески.

Во текот на следната недела, како што нагласи Јанакиески,  ќе има јавна аукција и очекува до крајот на февруари да биде склучен договор за концесија за плажата од 600 метри.

„Плажата ќе биде автентична, онака како што граѓаните ја избраа на јавниот повик. Современа плажа, со пристап, паркинг, тоалети, шанкови,  чадори, односно ќе го има сето она што граѓаните го избраа“, истакна Јанакиески.