Јанакиески повика на целосна либерализација на превозот на стоки

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески денес учествуваше на средбата на министрите за транспорт на државите во југоисточна Европа, која се одржа во Тирана, Република Албанија.

Во своето излагање, министерот Јанакиески од присутните повика на целосна либерализација на превозот на стоки, што ќе придонесе кон зајакнување на економската соработка меѓу земјите во регионот и ќе донесе голем број на бенефити, за што побара и поддршка од претставниците на Европската Комисија.

На средбата министерот Јанакиески ги презентираше главните инфраструктурни проекти и активности кои се реализираат во Република Македонија, меѓу кои и изградбата на двата нови автопати Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, чиј почеток се очекува овој месец и изградбата на првата делница од пругата кон Бугарија, дел од Коридорот 8, што се очекува да започне во текот на следниот месец. Исто така, министерот Јанакиески ги информираше своите колеги за тековниот јавен повик за изнаоѓање на компанија со цел реализација на проектот за гасификација на скопскиот регион.

Земји учесници на конференцијата се Албанија, Косово, Црна Гора, како и членови на Делегацијата на ЕУ и генералниот менаџер на Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа (SEETO).