Јанакиески: Продолжуваат инвестиците во инфраструктурни проекти

Во следните неколку месеци очекувам да бидат финализирани деталите и условите за концесионирање на патниот правец Гостивар-Кичево, дел од патниот Коридор 8, вели министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во интервју за МИА.

Во тек е, посочува, реализацијата на активностите по договорот кој го потпишавме со Меѓународната финансиска корпорација (IFC) за советодавни услуги во однос на реализацијата на предвидениот проект за изградба, одржување и наплата на патарини на оваа делница. Дополнително, Меѓународната финансиска корпорација ќе ни дава и советодавни услуги во однос на можностите за концесионирање на делницата Скопје-Блаце, до границата со Косово.

„Меѓународната финансиска корпорација, која функционира при Светска банка, е најголемата глобална развојна институција, фокусирана исклучиво на приватниот сектор во земјите во развој и финансира и обезбедува советодавни услуги кои се однесуваат на проекти основани на јавно-приватно партнерство, а преку својата советодавна активност им помага на владите да создадат услови кои го стимулираат доаѓањето на домашни и странски приватни инвестиции. Тие ги изработија потребните студии и техничко-сообраќајни анализи за делницата Гостивар-Кичево и во финална фаза е структуирањето на проектот со цел транспарентен, фер и компетитивен процес за привлекување приватен партнер за изведување на проектот“, наведува Јанакиески.

Во следниот период, истакнува, продолжува инвестицискиот бран од над милијарда евра во инфраструктурни проекти. Годинава очекува уште повисок раст на градежништвото, бидејќи, како што вели, ќе започне изградбата на двата нови автопати Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид за што беа потпишани договори во декември 2013 и ќе продолжи изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица. Исто така, ќе се врши изградба, реконструкција или рехабилитација на нови 63 километри патишта меѓу кои и делниците Велес-Катланово и Миладиновци-Куманово, дополнително на ова, ќе се гради магистралната гасоводна линија од Клечовце до Штип, a повеќе од сигурно е дека  ќе започне изградбата на пругата кон Бугарија. Сето тоа укажува дека  градежништвото ќе биде двигател на економијата и во 2014 година, оценува министерот за транспорт.

Годинава, наведува,  ќе започнат активности за проектирање и финансирање на повеќе патишта, односно 4 експресни патни делници: Охрид-Пештани, Градско-Прилеп, Штип – Кочани и Ранковци – Крива Паланка, 12 регионални патни правци, меѓу кои и Нов Дојран – Николиќ, Маврово – Жировница – Дебар, Тетово – Брвеница – Чегране – Гостивар, Гарски Мост – Извор, Мелнички мост – Центар Жупа,  Нов Дојран – Николиќ, Делчево – Голак, Кривогаштани – Обршани – Воѓани,  како и изградба на патиштата од Крива Паланка до Македонска Каменица и од Пробиштип до ски-центарот Пониква. Исто така, предвидена е рехабилитација и реконструкција на магистралниот пат Битола – Ресен – Буково, како и изградба на автопат на делницата Требениште-Струга, информира Јанакиески.

Во интервјуто  говори и за електронскиот начин на издавање градежни дозволи, со којшто, според него, просечен период за добивање одобрение за градење, согласно податоците за декември 2013 година, е 20 дена.

Соопштува и дека заклучно со крајот на минатата година, согласно евиденцијата на Агенцијата за катастар на недвижности впишани се речиси 77.000 легализирани објекти, но истакнува оти реалната бројка е доста поголема, затоа што не сите кои имаат добиено решенија од општините ги имаат впишано објектите во Катастарот. Апелира што поскоро граѓаните да ја комплетираат документацијата за што рокот е 18 јуни годинава, за да не го изгубат правото за легализација.

„Според информациите со кои располагаме, во Република Македонија има вкупно 149 регистрирани геодетски фирми, а според нашите информации околу 200.000 барања за легализација се некомплетни. Доколку граѓаните го чекаат последниот рок за изготвување геодетски елаборати, може да се случи геодетските фирми да не можат да постигнат да ги изготват сите одеднаш и се ризикува нивното поднесување согласно рокот кој е утврден со закон“, наведува Јанакиески.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.