Јанакиески: Прооден патот Кичево-Охрид

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески по состанокот на координативното тело информираше дека од 5 часот утрово е прооден патот Кичево-Охрид.

Во чистењето на автопатот учествувале повеќе од десет машини од „Македонија пат“ и дел од приватни комппании и е прооден за лесни возила и возила тешки до 5 тони.

-Постепено се нормализира ситуацијата со напојување со електрична енергија. Јас и вчера изјавив а и потврдија од ЕВН дека најголем дел од населените места, како Вевчани, Лабуниште, Октиси денес околу 14 часот ќе имаат снабдување со електрична енергија, подвлече Јанакиески.

На патот Кичево-Охрид на местото Пресека утрово започна акцијата за вадење на 13-те завеани возила кои ќе бидат однесени во Охрид. Миснистерот подвлече дека во текот на денешниот и утрешниот ден патот треба да биде прооден за автобуси и тешки товарни возила.

-Бројот на завеаните села од час во час се намалува. Покритична е областа околу Дебар, а има поголем број на планински села во Македонски брод. Во акцијата се вклучува и Дирекцијата за заштита и спасување и локалните самоуправи, додаде тој.

УХМР најавува дека деновиве ќе преовладува многу ладно време со температури и под минус дваесет степени, што ќе резултира со замрзнати патишта, а министерот апелираше до сите граѓани да возат внимателно.

Специјалните единици на МВР денес ќе спроведат акција за евакуација на три лица кои се завеани во село ‘Ржаново во струшко.