Јанакиески: Пругата Битола-Кременица ќе почне да се гради во 2015

Следната година се очекува да почнат градежните работи за пругата Битола – Кременица, изјави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, пренесува МИА.

– Во врска со постапката за почнување на изградба на пругата Битола – Кременица, пред некој ден е потпишан договор со конзорциум од Република Бугарија и очекувам некаде во првиот квартал од 2015 година да се започне со градежни активности, бидејќи веќе ЈП МЖ Инфраструктура имаат поднесено барање за одобрение за градење до Министерството за транспорт и врски. Планираме првиот квартал од наредната година да се започне со градежни активности. Рехабилитацијата изградбата би траела 18 месеци согласно договорот, изјави Јанакиевски.

Одговарајќи на прашање на пратеникот Зоран Илиоски, министерот посочи дека покрај реконструкцијата и градбата на оваа пруга, предвидено е со самиот проект да се изгради крак до индустриската зона Жабени. Тоа, според него, драстично ќе ја подобри инфраструктурата во самата индустриска зона, но исто така ќе ја направи зоната поатрактивна како за домашни така и за странски инвеститори.

– Покрај тоа целосно ќе се реконструира и догради железничката станица во Битола, најави министерот.

Реконструкцијата на железничката станица во Скопје е на половина односно до 15 декември се завршени 55 отсто од планираните активности, информираше Јанакиески на седницата за пратенички прашања.

– Согласно договорот реконструкцијата треба да заврши во април наредната година. Градежните активности се одвиваат согласно предвидената динамика, изјави Јанакиески.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски изјави дека во почетокот на идниот месец ќе биде поправена втората мерна станица на амбинталниот воздух во Битола. Објасни дека била спроведена постапка за набавка на делови за поправка на вакви станици и оти таа е завршена.

Темелковски, одговарајќи на прашање на пратеникот Сашо Јаќимоски за тоа кога ќе се реши проблемот со заматувањето на водата за пиење во Гостивар, рече дека поврзувањето на новиот цевковод со филтер станицата се очекува да се случи до февруари следната година.

– Владата пристапи кон реализација на проект преку Министерството за животна средина и просторно планирање со помош на швајцарска донација за изградба на нов цевковод и филтер станиоца за водоснабдување во Гостивар. Проектот е во финална фаза. Веќе се завршени сите монтажни делови на опремата. Останува само приклучокот на цевководот со филтер станицата што ќе се случи и очекуваме согласно временските услови тоа да биде некаде во јануари односно февруари. Со тоа ќе се реши проблемот со водоснабдувањето на околу 60.000 граѓани од Гостивар и околината, изјави Темелоковски.