Јанакиески: Реализиравме многу инфраструктурни проекти- нашите градови и села се со нов лик

ВМРО-ДПМНЕ во текот на изминатиот период реализираше голем број инфраструктурни проекти, а како резултат на тоа градовите и селата добија нови ликови, рече денеска Миле Јанакиески од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во мандатите зад нас, реализиравме огромен број на инфраструктурни проекти – нашите градови и слеа добија нови ликови – и видливо подобрена инфраструктура, како патна, така и комунална. Во меѓувреме работиме на капитални инфраструктурни проекти во оваа сфера, со најголеми инвестиции до сега во историјата на земјава и тоа во делот на патната, железничката, комуналната и енергетската инфраструктура“, рече Јанакиески.

Изборот на овие парламентарни избори, како што рече тој, е правењето разлика помеѓу празните ветувања и нереални проекти на СДСМ и програмите на ВМРО-ДПМНЕ и нашата коалицијата, за ко е проверено дека во континуитет граѓаните ќе можат да видат резултати и остварување на ветеното.

„Нашата програма е направена со конкретни рокови за реализација на проектите и нивни носители. Само делот на проекти од инфраструктурата во нашата програма е на четириесетина страници, за споредба проектите наведени во делот на инфраструктурата во програмата на СДСМ се на неполни две страници“, потенцираше Јанакиески.

Како никогаш порано, рече тој, се градат патишта, водоводни и канализациски системи онаму каде претходно ги немало, а дотраените се реконструираат.

„Овие капитални инвестиции придонесуваат кон подобар економски развој и зголемување на животниот стандард на нашите граѓани, но исто така и нови вработувања. Нашата цел е Република Македонија да биде земја со добра инфраструктура, давајќи дополнителен импулс на развојот на подобра бизнис клима и привлекување на нови инвестиции“, појасни тој.