Јанакиески: Шекеринска да достави барање до Антикорупциска дали во нејзиниот закуп има матна зделка

Министерот за транспорт и врски Миле Јанкиески, денес до Државната комисија за спречување на корупција достави Барање за поведување на постапка за преиспитување на повреда на службена должност, во врска со наводниот случај кој го изнесе портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, а се однесува на закуп за куќа во Прилеп, наводно поврзана со Проектот за Рехабилитација и продолжување на канализационата мрежа во општина Прилеп.

Тој тврди дека со закупот нема ништо спорно ниту незаконско, но ќе започне и постапка за раскинување на договорот бидејќи не сака да дозволи да биде мета на манипулации кои имаат за цел опозицијата да добие ситни политички поени.

Но, истовремено, министерот Јанакиески бара и од заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, да го следи неговиот чекор и да достави барање до Антикорупциска за докажување- дали во нејзиниот закуп има матна зделка.

За потсетување, Радмила Шекеринска од фирмата на сопругот добива по над 5000 евра месечно за закуп на стан.