Јанакиески: Возовите ќе се движат со брзина од 100 до 120 километри на час

На железничката делница Ногаевци – Неготино на Коридорот 10 од ноември следната година треба да се зголеми брзината на движењето на возовите до 120 километри на час.

За ремонт на делницата на пругата Велес-Гевгелија во должина од 31 километар денеска почнаа градежни работи на Железничката станица Градско, со финансии од 9.399.755 евра, обезбедени со заем од ЕБОР.

„Ме радува фактот што со овој ремонт ќе се постигне зголемување на брзината на самите возови а намалувањата од 30 до 50 км на час на одредени сегменти од пругата кои беа неминовни,  нема да бидат потребни. Просечната брзина ќе изнесува од 100 до 120 километри на час“, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Тој истакна дека последниот ремонт на делницата од Ногаевци до Неготино е извршен во далечната 1968 година, односно пред 45 години.

Покрај градежните работи што почнаа денеска, укажа Јанакиески, целосно се завршени ремонтите и се издадени одобренија за употреба на пругите од Табановце до Куманово и од Миравци до Смоквица.

„Со средства во висина од 17,6 милиони евра го реализираме проектот за ремонт на железничка пруга долж Коридорот 10 на три секции со вкупна должина од 54,4 километри, железничка пруга која почнува од север со Табановце до јужниот дел Гевгелија“, наведе Јанакиекси.

Со ремонтот на оваа делница, укажа министерот за транспорт, се предвидува да се изврши комплетна замена на дотрајаните дрвени прагови со армирано-бетонски преднапрегнати прагови. Исто така, комплетно ќе бидат заменети постоечките шини од типот Ѕ-49 со нови од тип УИЦ-60. – Овие шини за прв пат ќе се применат на пругите на македонските железници и овозможуваат поголема трајност и стабилност на колосекот, со еден збор побезбеден сообраќај, рече Јанакиески.

Се планира да се изврши санација на долниот строј на должина од 2.890 метри. Постоечките 6 патни премини во исто ниво ќе бидат изработени со современ горен строј од рециклирана гума и асфалтни приоди во должина од по 20 метри од осовината на колосекот, со што значително ќе се подобри безбедноста при поминување на патните возила преку премините. Ќе се изврши заштите од ерозија и одронување на постојните косини на делницата Криволак-Кукуричани со мрежи, анкери и габиони.

Пероните на стојалиштата во Ногаевци, Стоби и Црвени брегови и во станиците Градско, Кукуричани и Криволак ќе бидат реконструирани со вградување на армирано-бетонски елементи. Во станиците Криволак, Кукуричани и Градско ќе бидат заменети вкупно 8 влезни свртници тип S-49-300-6º со нови тип UIC-60-300-6º, поставени на армирано-бетонски преднапрегнати прагови. Ремонт на горниот строј и санација на долниот строј ќе се изврши и на преодните колосеци во станиците Криволак, Кукуричани и Градско.

Изведувач на градежните работи за ремонт на железничката делница е бугарската компанија ЦК – 13 Холдинг.