Јанакиески за МИА: Нови дестинации за македонските граѓани по конкурентни цени

Продолжение на проектите за развој на авиосообраќајот и изградба на патната и железничката инфраструктура, со тековни и нови проекти, со конкретен износ за финансирање, најавува министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во денешното интервју за МИА.

Според Јанакиески, ќе продолжи проектот за стимулирање влез на нискотарифни авиопревозници, за што на почетокот на следната година ќе биде објавен нов повик за доделување финансиска поддршка.

Стимулирањето влез на нискотарифните авиопревозници во македонскиот воздушен простор, наведува Јанакиески, во изминатиот период се покажа како успешен проект, при што во првите 9 месеци од годинава споредбено со истиот период лани имаме раст од 21 процент.

– Нашата цел да се овозможат нови дестинации за македонските граѓани и директни летови од Скопје по конкурентни цени се остварува и токму затоа овој проект ќе има свое продолжение. Министерството за транспорт и врски на почетокот на следната година ќе распише нов јавен меѓународен повик во конкурентна тендерска постапка за доделување финансиска подршка со цел развој на воздухопловниот сектор во Република Македонија и воздушниот сообраќај да биде што подостапен за граѓаните на Република Македонија, вели Јанакиески.

Во однос на можноста за воспоставување национален авиопревозник информира дека Министерството за транспорт и врски изработи проектна програма за изработка на Студија за можноста за формирање, односно воспоставување на национален авиопревозник со цел почнување постапка за јавна набавка за избор на консултант за изработка на Студијата за што набрзо ќе има јавен повик. – Студијата треба да резултира со изработена документација, која јасно ќе покаже дали можноста е исплатлива и остварлива и каде ќе се дефинираат условите за формирање, односно воспоставување национален авиопревозник во Република Македонија. Очекувам јавниот повик да биде објавен во октомври 2014 година. Дали ќе има национален авиопревозник или не, зависи од тоа дали евентуалните понуди кои ќе ги добиеме од компаниите по објавениот јавен повик ќе бидат прифатливи за Владата, појаснува Јанакиески.

Тој најавува дека од август следната година македонските граѓани ќе се возат во најсовремени железнички гарнитури. – Следната година очекуваме да стигнат новите гарнитури за превоз на патници во железничкиот сообраќај, за кои потпишавме договор со кинеската корпорација CSR, еден од најголемите производители на возови во светот. Ова е прво обновување на возниот парк во железницата по цели 35 години и претставува инвестиција од 25 милиони евра. Станува збор за четири дизел и две електро локомотиви кои со сите современи стандарди и ова во голем дел ќе ги подобри условите за патниците во железничкиот сообраќај. Согласно потпишаниот договор, почнувајќи од август 2015 година, македонските граѓани ќе се возат во најсовремени железнички гарнитури. Дополнително на ова, вршиме набавка и на товарни вагони и репарирање на десетина постојни гарнитури за патниците во железничкиот транспорт, наведува Јанакиески.

Во интервјуто го презентира предлог-буџетот на Министерството за транспорт и врски за следната година и приоритетните проекти во овој ресор. За 2015 година, информира, е предвиден значителен износ oд околу 225 милиони евра во програмите на Јавното претпријатие за патишта со кои ќе се финансира изградбата на повеќе локални и регионални патни правци, а ќе се инвестира и во патиштата на делниците Градско-Прилеп, Штип-Кочани, Охрид-Пештани, Битола-Ресен-Буково, Маврово-Дебар, Кочани-Делчево, Брвеница-Чегране-Гостивар, Мокрино-Смолари, Делчево-Голак, Кривогаштани-Обршани-Воѓани и други.

– Во следниов период ќе реализираме и проекти кои се финансирани со средства од претпристапните фондови на Европската Унија. Од ИПА програмата на ЕУ во делот за транспорт имаме околу 109 милиони евра на располагање до крајот на 2017 година, средствата се веќе испланирани по конкретни проекти и се трудиме максимално да ги искористиме за инвестиции во железничката и патната инфраструктура. Некои од позначајните проекти во патната инфраструктура, кои се финансираат со овие средства се завршувањето на автопатот од Демир Капија до Смоквица и рехабилитацијата на автопатот од Велес до Катланово, проекти кои се во тек на реализирање, а во следниот период ќе започне и реализацијата на проектите за рехабилитација на патните правци од Смоквица до Гевгелија и од Куманово до Миладиновци. Ќе реализираме и проект за поставување на хоризонтална и вертикална сигнализација на клучката Хиподром-Миладиновци, вели Јанакиески.

Како никогаш досега, нагласува, во исто време градиме три автопати. Тоа значи 132 километри нова автопаска мрежа за Република Македонија со вредност од 790 милиони евра. Дефинитивно, после долги години нашата земја добива еден нов лик во патната мрежа, вклучително и сите други интервенции што се направија на голем број локални, регионални и магистрални патишта. На автопатот од Демир Капија до Смоквица веќе се завршени половина од работите согласно предвидената динамика. За двата тунели кои се предвидени на оваа траса завршени се ископите и пробивањата и во моментов се работи на финалниот изглед на тунелите, изолирање, дренирање и бетонирање. На автопатите „Гоце Делчев” и „Мајка Тереза” работите се одвиваат согласно планираната динамика, ангажирани се поголем број на работници и градежна механизација, вели Јанакиески, потенцирајќи деказа изградбата на трите автопати се ангажирани повеќе од 1.000 лица,

Министерот за транспорт се осврнува и на продажбата на градежното државно земјиште по пат на електронско јавно наддавање. Од јули 2011 година, заклучно со минатиот месец се отуѓени вкупно 320 градежни парцели по пат на електронско јавно наддавање, од кој најголемиот дел се за изградба на куќи и викендички, но има и 60 локации кои се отуѓени за изградба на објекти од лесна и незагадувачка индуустрија, триесетина за изградба на станбени згради и помал број за откупно-дистрибутивни центри, хотели, винарии и комерцијално деловни објекти и трговски центри.

Електронското јавно наддавање, истакнува Јанакиески, е најтранспарентниот начин на отуѓување на земјиштето преку јавна објава во која се предвидени услови и критериуми, кои понатаму се составен дел и во договорите кои што ги склучуваме со компаниите кои се јавуваат како најповолни понудувачи на јавното наддавање.

По реакциите за купување земјиште за изградба на хотел од страна на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски и обврските за стилот на градбата, министерот за транспорт посочува дека објавите кои ги распишуваат за продажба на земјиште се јавни. Тие, нагалсува, се објавуваат во весниците и на интернет и на нив може да се пријави секое лице кое ги исполнува условите.

– Изјавата на поранешниот премиер ја видов во дел од медиумите. Кај нас, на јавно наддавање лице со тоа име и презиме не учествувало, а за локацијата за која станува збор најповолен понудувач беше фирма со назив ГМ „Инвест Груп“ од Струмица, а според податоците од Централен регистар основач на оваа фирма е фирмата „Едилха“ од Струмица, каде како управител се јавува лицето Ѓорѓи Мицковски. Станува збор за локација во центарот на Скопје, предвидена за изградба на хотел и досега уште не се уплатени средствата согласно постигнатата крајна цена од електронското јавно наддавање, но во тек е рокот од 15 дена од денот на завршување на постапката за јавно наддавање да се уплатат. Согласно законските прописи и јавната објава за предметната локација има рок од 9 месеци по солемнизацијата на договорот за да се добие одобрение за градење. И во Договорот кој што треба да се склучи за предметната локација ќе бидат вградени клаузули согласно јавната објава, вели Јанакиески.

Во однос на прашањето за стилот на изградбата на хотелот, додава, инвеститорот со самото пријавување за учество во јавното наддавање ги прифаќа условите и ако не се придржува до истите следува раскинување на договорот. Според условите, хотелот треба да биде изграден во еден од стиловите на барок или класицизам. Пред издавање одобрение за градење, потребно е Комисија од Министерството за транспорт и врски да ја одобри фазата архитектура од основниот проект. Со оглед на тоа што станува збор за централно градско подрачје, целта ни е објектот да се вклопува во целината на објектите кои се градат или се предвидени за изградба на тој потег покрај кејот на Вардар. Единствен начин да се избегне обврската хотелот да се гради во тој стил е доколку не се потпише договор или истиот се раскине за што на горенаведената компанија ќе и се активира гаранцијата или ќе плаќа пенали, и има нова јавна објава без таа обврска, па да има повторно електронско јавно наддавање друг начин не постои, вели министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во интервју за МИА